Фото: Shutterstock.com

При крајот на минатиот месец Европската Комисија отвори истрага, која доаѓа после повеќе жалби од конкурентите, за вклучувањето на Microsoft Teams апликацијата во Microsoft/Office 365 пакетите за компаниите.

Од една страна разбирливо е зошто конкурентите, во главно Slack, имаат проблем со оваа практика на Microsoft, но од друга страна има логика и објаснувањето од Microsoft, дека тие отсекогаш имале ваков или сличен сервис во понудата.

Проблемот во основа настана во 2020 година кога корона кризата направи да поголемиот дел од вработените почнаа со работа од дома, па апликациите како Teams, Slack, Zoom и слични, добија нагло огромна популарност.

Microsoft успеа да ги привлече голем дел од корисниците, а посебно тие кои веќе плаќаат за Microsoft или Office 365, поради додавањето на Microsoft Teams без додатна доплата.

Од компанијата сега објавија дека тие ќе ја одвојат оваа апликација од Microsoft 365 и Office 365 пакетите за бизнис корисниците. Со тоа, тие ќе ги намалат цените на овие пакети, а корисниците кои сакаат да ја задржат Teams апликацијата би ја плаќале повисоката, односно сегашната цена.

Од компанијата ја оставаат и можноста корисниците да се претплатат на Teams посебно, па тој пакет би чинел 5 долари месечно.

Намалувањето на цените на пакетите без Teams ќе биде од 1 до 2 долари месечно, зависно од видот на пакет, што на годишно ниво ќе дојде од 12 до 24 долари помалку за корисниците.

Дополнително, од компанијата најавија дека ќе го подобрат функционирањето на трети сервиси на нивните Office апликации, а уште поважно ќе овозможат третите страни да можат да ги додадат Office апликациите на нивните сервиси.

Останува да видиме како ќе реагира Европската Комисија на промените кои ги воведе Microsoft, односно дали би ги сметале за доволни или ќе бараат некаков „надомест“ за претходните години.

Инаку, промените ќе важат во Европската Економска Област и Швајцарија, а не е познато засега дали тоа ја вклучува и нашата земја, како кандидат за членство во ЕУ.

ИЗВОРThe Verge
ИЗВОР 2Microsoft
Претходна статијаСеријата Samsung Galaxy Z ја надмина годишната продажба на серијата Galaxy Note во Европа
Следна статијаWeekend.16 ги носи најважните теми од светот на медиумите, комуникациите и бизнисот на крајот на септември во Ровињ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.