Cortana, дигиталниот асистент од Microsoft, кој како одговор на Siri, Alexa и Google Assistant беше пуштен во Windows Phone во 2015 година, може да се каже дека официјално му дојде крајот.
Microsoft најави дека ја откажува поддршката и ја трга Cortana апликацијата од Windows 11, како и од Microsoft Teams на мобилните, Microsoft Teams display и Microsoft Teams Rooms. Интересно, Cortana ќе остане достапна во мобилната Outlook апликација.
Оваа одлука од компанијата е нешто што само ја потврдува непопуларноста на Cortana, односно малиот број на корисници. Овој дигитален асистент никогаш не успеа да ја добие популарноста на своите конкуренти, па заедно со Windows Phone, Microsoft не продолжи со посериозен развој.
Официјалното откажување од Cortana не случајно доаѓа во овој период. Во наредните месец до два, Windows 11 ќе ја добие годинешната поголема надградба, а дел од истата ќе биде новата Windows Copilot функција.
Може слободно да се каже дека Windows Copilot е помодерна верзија од Cortana, која ги има сите функции кои беа достапни досега, но нуди и многу повеќе. Се работи во основа за имплементација на новиот Bing, односно вештачката интелигенција, директно во Windows 11.
Оваа интеграција ја има и во другите производи и сервиси од Microsoft, па така на корисниците на Microsoft 365, достапен им е Microsoft 365 Copilot, преку кого можат да креираат содржина, да сумираат текст, да прават проверка на код и доста повеќе.