Вчера започна Microsoft Build 2023 и како што се очекуваше, а и можеше да се види од агендата, главната „ѕвезда“ на годинешниот настан е вештачката интелигенција. Microsoft имаат решено да бидат главните и првите кои ќе ја интегрираат ВИ и алатките во скоро сите нивни производи, а оваа недела ќе го видиме резултатот од тоа.

Windows Copilot е една од главните новини кои не интересираат и ќе го промени начинот на користење на Windows за сите корисници. Windows 11 добива директна интеграција со вештачката интелигенција, поточно со Bing Chat и целата технологија која досега ја гледавме во овој пребарувач.

Програмерите ќе можат да ги донесат и своите додатоци за Bing Chat и ChatGPT директно во Windows Copilot, а со тоа корисниците ќе добијат пристап до многу повеќе сервиси и услуги, а не само од Microsoft.

Windows Copilot ќе биде достапен директно од долната лента на системот и ќе биде првото копче после тоа за пребарување. Притискањето на копчето ќе отвори цела лента на десната страна од екранот која ќе биде достапна за сите апликации се додека не биде исклучена.

Овој дел е замислен да биде како еден личен асистент на корисниците за сите нивни активности. Исто како на Bing Chat, во овој дел ќе може да се разговара со функцијата и да се постават било какви прашања.

Тоа што е интересно и корисно е што тие прашања, покрај како пребарувања, ќе можат да бидат поврзани со самит компјутер, односно неговите прилагодувања. Microsoft дава пример со прашањето „Како можам да го прилагодам мојот систем за да завршам работа?“. На ова Windows Copilot предложува вклучување на темната тема, како и на Focus Timer функцијата, а додава и копчиња за да тоа веднаш се вклучи, па корисникот нема да мора самиот да оди во прилагодувањата.

Дополнително, Windows Copilot предложува поставување на двете отворени апликации една до друга, преку Snap функцијата, па тоа автоматски се прави со притискање на едно копче во одговорот.

Покрај ваквите можности, Windows 11 Copilot може да остане вклучен со било која апликација, па да се префрлат документи за да бидат сумирани, да биде пуштна музика со Spotify, на пример и многу повеќе.

Почнувајќи со јунските тест верзии од Windows 11, новиот Copilot ќе им стане достапен на корисниците, а за сите корисници, односно тие кои не сакаат да користат тест верзии, ќе стане достапен некаде во есен.

ИЗВОРMicrosoft
Претходна статијаNetflix додава можност за филтрирање во листата на зачувани филмови и серии
Следна статијаMicrosoft го претстави Dev Home – контролен центар за програмерите
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.