Апликациите од познатиот Microsoft Office пакет, сега Microsoft 365, добиваат нов официјален, односно стандарден фонт. Оваа промена доаѓа две години од најавата дека се планира нешто вакво и ставањето на пет фонтови во игра. 

Петте фонтови беа додадени во апликациите од Microsoft 365, a Microsoft овие две години ги собираше реакциите од корисниците, па сега ја донесоа и одлуката. Новиот официјален фонт на Word, Excel, PowerPoint и Outlook е Aptos. 

Во листата со пет фонтови Aptos беше наречен Bierstadt, а донесена била одлука за промена на името. Новото име доаѓа од омилениот дел од градот Санта Круз во Калифорнија на креаторот на фонтот, Стив Мејтсон. 

Aptos ќе го замени веќе познатиот Calibri кој се користи како стандарден фонт од 2007 и кој го замени еден од најпознатите фонтови, Times New Roman. Се работи за sans-serif тип на фонт, кој обично се смета за подобар за читање на екраните. 

Токму ова е и мотивацијата зад дизајнот на овој нов фонт кој треба да е модерен и прилагоден за време кога повеќето работи се читаат од екраните, а не од хартијата на која е испечатен текстот. 

Мејтсон е дизајнер и на стандардниот фонт кој се користи од Windows Vista, па до ден денес, Segoe. 

Фонтот, заедно со останатите пет фонтови, веќе се достапни во листата со фонтови, а во месеците што следат може да се очекува тој да биде автоматски избран, односно да го замени Calibri како стандарден фонт во апликациите. Calibri ќе остане лесно достапен во горниот дел од листата, за корисниците кои сепак се доволно навикнати на него и би сакале да продолжат да го користат. 

Доколку сакате да прочитате повеќе за процесот на дизајнирање и значењето на овој фонт, можете да ја прочитате оваа статија

ИЗВОРThe Verge
ИЗВОР 2Microsoft
Претходна статијаYouTube ќе проверува колку имате научено од видеата кои ги гледате
Следна статијаПрвите Mac уреди со М3 чип може да се очекуваат во октомври
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.