Фото Brian Tromp on Unsplash

Поминаа доста години, поточно 9, од кога Facebook одлучи дека за разговори корисниците треба да ја користат посебната Facebook Messenger апликација. После неколку години на постоење на апликацијата, од компанијата го тргнаа делот со пораки од Facebook, па корисниците мораа да ја инсталираат Messenger.

Оваа одлука беше донесена во 2014, а сериозноста на Facebook можеше да се види и две години подоцна кога го тргна пристапот до пораките и од мобилната верзија од мрежата. Со тек на време Messenger прерасна во посебна „платформа“, се до 2018 кога од компанијата сфатија дека апликацијата е премногу сложена и ја пуштија поедноставената верзија која со мали промени функционира до ден денес.

Во објава за иднината на Facebook, Meta најавија дека пораките изгледа се враќаат назад во Facebook апликацијата. Оваа можност засега се тестира и одредени корисници ќе забележат дека имаат пристап до пораките без отворање на Messenger апликацијата.

Оваа промена во политиката повторно може да се поврзе со TikTok, односно големата конкуренција која ја прави оваа апликација на апликациите од Meta. Тоа може да се види и од големото внимание кое го даваат од компанијата во објавата на тоа дека Facebook мрежата „не е мртва, ниту умира“. Се истакнува тоа дека мрежата не е само место да се спојат пријателите и семејството, па корисниците доаѓаат тука за забавна содржина и да откријат нешто ново.

Сите останати мрежи, вклучувајќи ја и TikTok, овозможуваат директен пристап до пораките без потреба од отворање на друга апликација. Изгледа е време Facebook повторно да ја има оваа можност.

Ова секако не значи дека Messenger веќе нема да постои. Оваа апликација е доста важна за многу корисници кои главната комуникација со своите пријатели ја прават преку неа. Тука е секако и интеграцијата со Instagram и можноста да се разговара со пријателите од оваа мрежа.

Корисниците оваа година ќе ја добијат можноста да ги прават своите разговори од било која од апликациите на Meta, што е добро и сигурно ќе има позитивни реакции од повеќето.

Една од поголемите предности на ова е тргањето на потребата да се имаат двете апликации, односно Facebook и Messenger, нешто што прави посебно голема разлика за корисниците кои не ја користат толку често Messenger апликацијата.

ИЗВОРEngadget
ИЗВОР 2Meta
Претходна статијаНајновата надградба на Windows 11 на сите корисници ќе им биде пуштена на 14 март
Следна статијаiPhone 13 е најпродаваниот телефон минатата година, а Apple држи 8 места на топ 10 листата
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.