Маркез Браунли важи за еден од најдобрите, а секако е еден од најпопуларните рецензенти на технологија на YouTube. Иако може да се најдат повеќе видеа кога ќе излезе некој нов телефон, Браунли и уште неколку други се тие чии мислења се следат како најважни.
Една споредна работа на одличните видеа од Браунли која доста од корисниците ја забележуваат е дека тој секогаш има интересни и доста добри позадини на уредите кои ги тестира.
Едно од почестите прашања и барања се од каде му е позадината која ја користи, па веста од пред некој ден дека тој има пуштено апликација за позадини очекувано привлече огромно внимание.
Апликацијата е наречена Panels Wallpapers и навистина има интересен избор од позадини, а посебно за тие кои им се допаѓа баш овој стил.
Сепак, пуштањето на оваа апликација може да испадне да го чини угледот кој го има Браунли, а морам да истакнам дека и мене мислењето за него сега е доста намалено, заедно со неколку случувања изминатите неколку месеци.
Причината за ова е што при инсталацијата на апликацијата на iOS, како и по првото користење се забележуваат некои не баш очекувани работи. Прво апликацијата бара доста дозволи од уредот на корисникот кои обично се користат за „следење“ во рекламни цели, а апликацијата бара и дозвола да ги следи активностите на корисникот на другите апликации. Ова е можност која iOS ја истакнува и корисникот може да ја блокира.
Дури доколку ова се тргне на страна, поради фактот што е доста честа практика од голем број апликации, доаѓа реакцијата на самата апликација. Истата има многу мал број на бесплатни позадини, што ајде не е некој голем проблем, но затоа претплатата за пристап до сите позадини изнесува 12 долари месечно, односно 50 долари годишно.
Корисниците можат да ги симнат малиот број на бесплатни позадини со гледање на две реклами, но дури и тогаш истите се достапни само во SD резолуција.
Веднаш станува јасно зошто Браунли доби доста критики уште од првиот ден по пуштањето на апликацијата која ја промовираше во видеото за рецензија на iPhone 16 серијата.
Во продолжение можете да го видите и одговорот на Браунли на првичните реакции.