Првиот текст за Биткоин и криптовалути сме го објавиле на 30.03.2015 (Биткоин: за што станува збор, дел 1). Вредноста на 1BTC (биткоин) во цела 2015г. се движеше од околу 500$, макс. (денеска вредноста е ~8,000$, или за три години, цената на 1btc има раст од над 1,500%!).

Ако случајно сте го прочитале нашиот текст и сте купеле да речеме 5 биткоини за вкупно 1.000$, денеска ќе имавте капитал од ~40,000$ (не е страшно – и ние го пропуштивме, тогаш, возот). Но, повеќе за инвестирање во криптовалути во друга прилика.

Поминаа три години од тогаш, а неполни 10 години од фамозниот документ (т.н. white-paper објавен на 03.10.2008) на Satoshi Nakamoto (Bitcoin: A Peer-to-Peer Electronic Cash System), таткото на криптоекономијата. Како дојдовме до една од најголемите модерни иновации во светот на финансиите?

Приказната започнува кога во средина на 1970тите Американската влада прв пат јавно објавува Стандарди за енкрипција на податоци (во ист период со појавуваат и првите дела за криптографија базирана на јавни „клучеви“/податок или т.н. „асиметрична криптографија“) со што го привлекува вниманието на мала банда „гикови“, меѓу кои и David Chaum. Дечкиве сваќаат дека криптографијата не е само алатка во рацете на владите – истата има огромен потенцијал за заштита на слободите на обичниот граѓанин!

Во 1985г. Chaum објавува важен текст со наслов Security without identification: Transaction systems to make Big Brother obsolete во кој обработува неколку важни идеи (анонимен дигитален кеш, псевдонимизирани репутациски системи, итн.) за подоцнежниот развој на крипто. Некаде во 1992г. делото на Chaum претставува основа за формирање на еден вид на fringe движење на гикови (Chaum, Wei, Timothy May, Nick Szabo, Hal Finney, и многу др.)  кои на шала се нарекуваат Cypherpunks (“Cypherpunks write code”). Фамозната нивна меилинг листа  и Манифест содржи принципи и илјадници дискусии – уште тогаш – за концептите на анонимност, приватност, репутација, авторитети, итн. Малку подоцна, како што е објаснето во FAQ-от на bitcoin.org, во една од дискусиите на оваа мејлинг листа, некаде во 1998г., Wei Dai прв пат го споменува терминот „криптовалута“, како нова форма на пари базирана на криптографија наместо на централен авторитет. Long story short, поентата е дека зачетоците на криптоекономијата и денешните криптовалути е во голема мера (!) политичко-идеолошка.

Концептот на Wei Dai за криптовалута надвор од контрола на политичарите и Државата било предизвик за голем број на програмери. Bitcoin не е прв обид за криптовалута! Најпознат предвесник е оној на Nick Szabo, легенда во крипто светот кој се смета и за инвентор на „паметните договори“. Неговиот обид е т.н. Bit gold, многу сличен модел на Bitcoin но истиот не беше никогаш реализиран поради одредени технички недостатоци кои ги реши Satoshi (кој/кои и да е/се). Всушност, ниту еден од претходниците не успеал да понуди задоволително решение за ограничување на понудата на криптовалутата и оневозможување на централизација на моделот со што би се спречило и double-spend на валутата (со што би се уништил моделот – и би се опљачкале учесниците).

Барем не додека на сцена не се појавува(ат) Satoshi Nakamoto. (продолжува)

Претходна статијаКако би изгледал смартфон од Samsung со исечок на горната страна или без рамки воопшто
Следна статијаЗошто Microsoft ја одложи наредната надградба на Windows 10 минатата недела?