Јане Узуновски, EmbedSocial

Македонската стартап сцена е скромна, но сепак има со што да се пофали. Тука се EmbedSocial, стартап кој има за цел да се поттикне интеракција помеѓу брендот и корисникот. Станува збор за компанија која развива свои продукти и која веќе се стекна со неколку илјади корисници. По повод пуштањето на нивниот најнов продукт, Embed Stories, поразговаравме со Јане Узуновски, човекот задолжен за раст на компанијата и задоволството на клиентите ?

1. Кој е Јане Узуновски? Која е твојата приказна и филозофија?

Според мене, постојат неколку “state of mind” во животот за кои не се прават компромиси. Тоа се здравје, љубов, среќа и акција. Животот е краток. Светов е преубав, а јас имав среќа да живеам на различни места. Учам и работам во екстремно различни еко-системи кои директно влијаеа во креирањето на мојот карактер. Ете накратко, тоа сум јас. Тежнеам и барам слобода, простор за креирање, среќни луѓе и позитивност. И успевам, бидејќи научив како во сe’ да пронајдам можност.

2. Што е EmbedSocial? 

EmbedSocial е македонски стартап, еден од првите стартапи кои што добија финасиска поддршка од Фондот за Иновации и Технолошки Развој. Приказната за EmbedSocial е приказна за млади луѓе, верба во себе, знаење и многу, многу работа.

Компанијата е основана од Fаcebook маркетинг партнери и тим кој има 10+ години искуство со платформите на најголемите друштвени мрежи. Тоа е тим кој технички знае како дишат, се надградуваат и кој им е идниот потенцијал на друштвените мрежи. Идејата за развој на целосна платформа и сопствен продукт беше потикната од нашата желба да се фокусираме на градење на капацитети за креирање на нови производи. Дополнително, нудиме и оутсорсинг услуги кои имаат додадена вредност, но тие се лимитирани во однос на скалирање.

Брзите промени понудени од социјални мрежи беа тригерот кој што не’ натера да инвестираме во ваква платформа. Главниот таргет  e маркетинг секторот. Нашата желба е да им помогнеме подобро да се справат со дневните предизвици. Сакаме да им овозможиме да бидат поуспешни во својата работа.

3. Какви продукти нуди вашата платформа?

Накратко, EmbedSocial платформата во моментот има 4 продукти: EmbedAlbum, EmbedReviews, EmbedFeed, EmbedStories. Преку EmbedAlbum, компаниите можат во неколку чекори да креираат галерии од сите свои албуми на Facebook. Истото можат да го направат и со Instagram и Twitter accounts/hashtags. EmbedFeed е еден од првите продукти. Главниот бенефит е тоа што компаниите можат да го прикажат во комбинирана форма целиот фид на Facebook и Instagram.

EmbedReviews е еден од поновите продукти. Тој од едноставен продукт за неколку месеци прерасна во прекрасна алатка со многу важни функционалности. Накратко, преку EmbedReviews компаниите се грижат да ја одржат и подобрат својата онлајн репутација. Овој продукт е посебно потребен и ефикасен за компаниите кои што вршат онлајн продажба. Нивните стапки за конверзија се покачуваат благодарение на социјалниот доказ во форма на рецензија/review.

Од пред 3 недели го имаме EmbedStories продуктот. Тој има за цел да им овозможи на компаниите да го зголемат ефектот на своите Instagram Stories преку прикачување на истите на нивната веб страница. Понатаму тие ќе можат да ги направат shoppable и со тоа да отворат нов продажен канал. Значи, продуктот им носи можности да го зголемат бројот на следбеници, а и зголемување на нивната продажба.

Најдоброто е што платформата не бара компјутерско/програмерско знаење. Секој може да ја користи, а генерираните кодови се прифатливи за сите web builders или CMS. Ние успеавме да ја пробиеме платформата на светскиот пазар. Денес ја употребуваат илјадници корисници секој месец, од различни земји и различни индустрии.

4. На што работите моментално?

Имаме план кој го дефиниравме на почетокот на годината. Но, една од вредностите на компанијата е флексибилноста. Па така, планот е креиран со простор да ја имплементира таа флексибилност во насока на надминување на очекувањата на нашите корисници. Ова значи дека имаме процес на примање барања од корисниците, анализа и приоритизирање на истите. Тоа е една од активностите која постојано се повторува.

EmbedSocial

Од друга страна, главна активност во моментов е новиот продукт, EmbedStories. Успеавме да се интегирираме со официјалната платформа на Instagram и да развиеме функционалност која овозможува генерирање на Instagram Stories и нивно прикажување на било кој вебсајт. Со оглед на тоа што ова е нов продукт од пред 3 недели, клучно е да се слуша фидбекот на нашите корисници. На тоа сме фокусирани сега и во наредниот период.

Дополнително, можам да најавам дека до крајот на месецот ќе понудиме нови функционалности и бесплатна екстензија на еден од производите.

5. Како е да се работи во МК стартап?

Со два збора – возбудливо и динамично. Да се работи во стартап било каде во светот е уникатно искуство. Стартапите се разликуваат во зависност од тоа кој пазар го таргетираат, каков проблем се обидуваат да решат и според фазата на развој. 

Но, тие имаат и заеднички работи. Во суштина сите бараат ВИЗИЈА.  Би додал и БУЈНА ФАНТАЗИЈА. Тој вакум во таа долга линија помеѓу СУПЕР и OK, е тоа што те тера напред. Од мое искуство, без разлика дали е Македонија или некоја друга земја, стартапите во својата анатомија не се разликуваат многу.

Но, постојат и разлики во контекст на локацијата, еко/системот и секако законските рамки. Ако зборуваме локациски, има позитивни и негативни ситуации. Позитивно е што си дома, сите ти се тука и се’ ти е тука. Секој има пријатели, па и да не знаеш нешто, брзо можеш да дојдеш до вистинската информација. Оној момент кога ти е потребно нешто повеќе, некоја поспецифична информација, тогаш си викаш добро ќе беше да.

Во однос на еко-системот, со оглед на тоа што имаме многу мала ИТ заедница и малку успешни приказни, тешко е да се најдат ментори и сл. Тоа е многу важно. Се’ што ни преостанува е да гледаме онлајн презентации од вебинари или академии. Секако, тука е вклучено и патувањето до други градови, во надеж дека ќе дојдеме до нашите одговори и ќе научиме нешто ново.

Од друга страна. забележлив е покачениот интерес во Македонија за ИТ. Тоа сите не’ радува. Нашиот карактер е динамичен и отворен, така што сум оптимист за нашата генерација и за тие што сега почнуваат. Веќе неколку години се зборува за ова. Правиме бебешки чекори и се надевам дека ќе прераснеме во здравa, силна и голема заедница.

За крај, би сакал да го споменам примерот со државата. Би апелирал да овозможат повторни плаќања, доколку сакаат да има повеќе стартапи кои што го користат бизнис моделот заснован на претплата. Исто така, пристап до payment processing компании како што се Stipe, Braintree и други, позитивно ќе влијае врз сите стартапи кои што вршат онлајн продажба.

6. Кои се плановите за во иднина?

Го споменав погоре проблемот со ментори. Ние долго време го превртувавме просторов за да најдеме искусни луѓе кои креирале SaaS производ и успешно го пораснале. Потрагата не’ однесе до Париз. Можам да објавам дека успеавме да влеземе во TheFamily, организација која има за цел преку директни менторски програми да го зголеми растот на стартапите од Европа.

Со помош на менторите од Франција, поставивме повисоки цели и похрабри акции за да ги постигнеме. Како и повеќето компании и ние ќе се трудиме да ја зголемиме вредноста што ја нудиме преку подобрување на постоечките продукти. Секако, сакаме и да го зголемиме бројот на корисници. Јас лично, во истата насока, ќе се обидам да научам нешто ново, да искачам некоја нова планина, да запознам нови луѓе и слично.

Исто отворено ги повикуваме сите заитересирани лица и стартапи да не’ исконтактираат, доколку сметаат дека можеме да им помогнеме на еден или друг начин.

7. Што имате да им порачате на читателите од Смартпортал?

Верувајте во себе, бидете среќни со тоа што го имате, најдете вистински ментори во животот, направете сопствени грешки и ризикувајте.

Претходна статија“Embrace the Speed of change” – Претставени новите портфолија на Lenovo и Lexmark во Скопје
Следна статијаУредите со свитливи екрани изгледа имаат уште доста за развој пред официјално претставување