iPhone-6-S (2)

Месецот Септември, секоја година последнава деценија се поврзува со настанот на Apple, на кој го претставуваат новиот iPhone, најпродаваниот паметен телефон во светот. Најновиот модел беше помпезно претставен, како и сите негови претходници, но сега се чини оправдано, бидејќи донесува неколку подобрувања кои ги чекавме подолго време.

Но, да почнеме со тоа што е исто како кај актуелниот модел. Однадвор дури и истренираното око нема да може да забележи некоја разлика – дизајнот е целосно ист. Значи ќе треба да им кажувате на пријателите дека е новиот модел, бидејќи најверојатно и нема да забележат.

iPhone-6-S (5)

Исто така и покрај тоа што имаше најави за трет, и натаму ќе има само два модели во понудата – 6S и 6S Plus. Исти се и дисплеите, со големина од 4,7 и 5,5 инчи и Retina резолуција, што значи дека за повисоки резолуции, ќе почекаме до наредната година. И бидејќи надворешните димензии се скоро подеднакви, батериите имаат ист капацитет, што значи дека помалиот модел и натаму нема да има којзнае колку добро траење на батеријата. Штета.

Главните новитети сепак се наоѓаат во внатрешноста и многу од нив ги чекавме веќе подолго време, како камерата која конечно има повеќе мегапиксели и може да снима 4K видео. Но, да почнеме со ред.

3D Touch (Force Touch втора генерација)
Force Touch технологијата веќе ја спомнавме неколку пати. Се работи за посебен систем под дисплејот, кој може да регистрира поголем притисок од оној што стандардно се користи кај екраните на допир. Кај новите iPhone-и, системот е вклопен со неколку подобрувања во iOS 9 оперативниот систем. На пример, со посилно притискање на иконата за Email, можете да ја видите последната порака, без да ја отворате апликацијата, или да зголемите некоја фотографија во Photos без целосно да ја отворате, нешто слично како поминување со маусот врз некоја икона на компјутерите. Покрај можноста за препознавање притисок, 3D Touch има и посебен мотор кој ќе направи да се чувствувате дека навистина притискате на копче.

iPhone-6-S (6)

A9 процесорска единица
Како и секогаш, Apple не ги кажува спецификациите на новите чипсети, но затоа, барем според некои нивни мерења, ни ги кажуваат подобрувањата. Така, новиот A9 чип е 70% побрз од претходникот на процесорската страна, односно дури 90% побрз во графиката. Новиот процесор со сигурност ќе ги врати iPhone-ите на врвот на бенчмарк мерењата, барем додека не излезат конкурентните чипови, како новиот Snapdragon 820 на пример. Како и да е, очекувајте дека како и секој модел досега и овој ќе има исклучително флуидно и мазно работење низ оперативниот систем.

iPhone-6-S (4)

Нова камера со 12 мегапиксели и 4K видео, селфи камера со 5 мегапиксели
Конечно, камера со повеќе од 8 мегапиксели во iPhone! Според Apple, главната причина поради која не го зголемувале бројот на мегапикселите е тоа што кај таквите сензори, се јавува премногу шум во ноќните услови, но реално тоа и не е некое оправдание – многу конкуренти беа подобри навечер дури и со сензор од 20 мегапиксели.

Но, еве, конечно имаме iPhone чии фотографии ќе бидат убави и на дисплеите со поголема резолуција, како 4K мониторите или телевизорите. Кога сме кај 4K, ова се првите iPhone-и кои може да снимаат ваков тип на видео и тоа со кодек кој вади многу поостра снимка од таа на Galaxy S6 на пример, но со многу, многу поголеми датотеки. Ова значи дека ако го изберете моделот со 16 GB, редовно ќе ви недостасува простор. Како и претходниците и новите и кај новите iPhone-и само поголемиот ќе има оптичка стабилизација, што значи дека 6S Plus ќе снима постабилно видео.

iPhone-6-S (1)

И да не ја заборавиме предната камера, која сега има 5 мегапиксели и посебен мод во кој кога се сликате навечер, екранот кратко се осветлува за да функционира како некој вид на блиц. Ова веќе го имаат многу телефони досега, но, сега го има и во iPhone.

Live Photos
Секоја фотографија што ќе ја сликате со вашиот драгоцен iPhone 6S или 6S Plus, сега ќе биде жива. Во превод, доколку притиснете посилно на неа (преку 3D Touch секако), фотографијата ќе ги покаже моментите после фотографирањето во кратко видео. Фина работа за импресионирање на пријателите, но и ова веќе неколку години го имаат конкурентите како HTC и Nokia/Microsoft.

Поцврст алуминиум – нема веќе виткање!
iPhone 6, а особено 6 Plus, беа „не“популарни по исклучително меката изработка. Благодарение на тоа, многу корисници јавуваа искривување на целите телефони, а имаше и неколку видеа на социјалните мрежи кои го докажуваа тоа. Затоа, новите модели ќе имаат целосно нова алуминиумска легура, со ознака 7000, која е многу поцврста и која се користи и кај автомобилите за изработка на шасијата. Покрај тоа, има ситни незабележителни измени во алуминиумската школка околу копчињата, со цел уште поголемо зацврстување. Колкави ќе бидат подобрувањата останува да видиме на некои видеа кои со сигурност ќе се појават наскоро.

iPhone-6-S (3)

Кога ќе сумираме, се чини дека новите iPhone-и имаат доволно подобрувања за да треба дури и да ја смените вашата 6-ка. Камерата со сигурност ќе биде меѓу најдобрите во бизнисот, перформансите ќе бидат на највисоко ниво, изработката супер квалитетна и ќе има и реално употреблив 3D Touch систем. Можеби не е голем скок во однос на конкурентите, особено бидејќи Apple и натаму заостанува кај дисплеите на пример (Sony има 4K екран во Xperia Z5 Premium!), но iPhone 6S и 6S Plus се најдобрите iPhone-и досега и тоа значи дека ќе бидат ѓаволски добри телефони. И згора на тоа, конечно ќе има и розево – златна боја за девојките. Што го прави телефонот уште подобар, секако.

А за ѓаволски добар телефон, треба и добро да го одврзете ќесето пари. Почетниот модел iPhone 6S 16 GB, во Германија чини 739 евра, додека моделот со 64 GB простор, чини дури 849 евра. iPhone 6S Plus почнува од 849 евра за моделот со 16 GB простор, односно 959 евра за моделот со 64 GB простор. И да, како и сите претходници и во овој нема место каде ќе може да ја ставите вашата micro SD картичка. Бидејќи, ако сакате да снимате 4K клипови, навистина ќе ви треба многу повеќе простор.

Извор: The Verge, Techno Buffalo, Venture Beat, GSM Arena (1) (2)

Претходна статијаApple го претстави iPad Pro со додатна тастатура и пенкало
Следна статијаiPad mini 4 – Нова генерација од помалиот iPad