Apple вчера го одржа нивниот настан на којшто претстави повеќе нови уреди. Првиот од нив беше наследникот на ланскиот „најевтин“ iPhone, iPhone XR, па и покрај неофицијалните информации за уште посложено именување на годинешните модели, новиот iPhone се вика едноставно iPhone 11.

Ланскиот модел беше најпродаваниот iPhone од трите моделите кои се достапни, а за тоа секако игра голема улога пониската цена која може да се каже дека влегува во некоја „нормална“ граница, барем како за iPhone телефон.

iPhone 11 ќе има почетна цена од околу 700 долари, па повторно во споредба со другите модели, може да се очекува дека ќе биде најпродаваниот телефон од Apple.

За да овој модел ја задржи својата популарност, од Apple се погрижија со додавање на доволно новини кои ќе направат да вреди овој уред да се купи, ако не од сопственик на ланскиот модел, тогаш барем од корисниците кои одреден период се мислат дали да се префрлат на iPhone.

Изгледот на iPhone 11 не е нешто различен од ланскиот модел, па новините доаѓаат повеќе во неговата внатрешност, освен мала разлика на задниот дел каде е поставена втора дополнителна камера.

Со додавањето на втора камера, iPhone 11 сега има две камери со по 12 мегапиксели, од кои едната е со ултра широк агол на сликање, нешто што го имаат повеќето конкуренти и овозможува подобро искуство при сликање на пејзажи, на пример.

Apple секогаш имаат уреди со одлична камера, па оваа година тоа продолжува да биде случајот. iPhone 11 добива нов Night Mode режим којшто треба да овозможи многу подобри слики во темни услови, а тука е и подобрениот HDR којшто според Apple ќе овозможи поприродни слики и детали.

Со камерите, а тука е вклучена и предната, може да се сликаат 4К видеа со 60 fps, slow motion видеа, а секако двете камери на задната страна овозможуваат и одлични нови ефекти на сликите. Корисниците исто така ќе можат да ја гледаат содржината од двете камери со цел да можат да ја направат најдобрата слика.

Апликацијата за камерата исто така добива подобрен интерфејс, а главната новина е што ќе може да се снима видео без потреба од префрлување посебно на тој режим, туку со едноставно подолго држење на копчето за сликање.

Иако очекуваме дека овој уред ќе има одлична камера, сепак не може да не се нагласи дека карактеристично за Apple е да воведе одредени работи што ги има веќе одамна кај конкуренцијата, па да ги претстави како нешто посебно, а тоа посебно е „смешно“ за новата можност да се снима со долго држење на копчето за сликање.

iPhone 11 работи на најновиот чип од Apple, A13 Bionic којшто како и секогаш е „најбрзиот чип некогаш направен“. Можеби Apple малку претерува со нивниот начин на промоција, но сепак овој чип донесува околу 20% подобрување во однос на А12.

Корисниците може да очекуваат забележливо подобрување на перформансите, а се најавува и подолго траење на батеријата.

Новиот уред, како и другите кои ги претстави вчера Apple, доаѓаат со нов и посебен U1 чип којшто во основа може до некаде да се спореди со Bluetooth кога е во прашање споделувањето на датотеки со блиски уреди.

iPhone 11 повторно доаѓа со 6,1 инчен LCD екран којшто на горната страна има исечок каде е поставен Face ID системот и секако предната камера. Ова според мене е единствената „слабост“ на овој модел, односно иако квалитетот е одличен, не можам да замислам веќе уред којшто нема OLED екран.

iPhone 11 доаѓа со можност за избор на нови бои, како и со подобра отпорност на вода со што се овозможува да може да издржи до 30 минути на 2 метри длабочина, но секако оваа карактеристика повеќе е тука за да корисниците се мирни доколку нешто случајно се истури на уредот.

ИЗВОРApple
ИЗВОР 2The Verge
Претходна статијаА1 Македонија го воведува “А1 Флекси” – флексибилен модел на работа
Следна статијаiPhone станува „Pro“ со двата нови iPhone 11 Pro и Pro Max кои добиваат тројна камера на задната страна
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.