Print

Startup Weekend настанот во Скопје ќе се одржува од 8 -10 Мај оваа година. За подобро да се запознаеме со настанот, како и подетални информации околу него, направивме интервју со еден од неговите организатори Наташа Петкова. Во продолжение можете да го прочитате целосното интервју.

За почеток дали може на кратко да го објасните овој настан за нашите читатели ?

НП: Startup Weekend претставува 54 – часовен глобален настан каде се здружуваат млади луѓе од различни профили (програмери, дизајнери, студенти, маркетинг експерти, претприемачи) со цел да генерираат нови идеи за бизнис и да направат план како успешно да ги реализираат, под менторство на локални и меѓународни стартап експерти.

Настанот започнува во петок вечер со куси презентации на идеите, каде учесниците треба да ги убедат останатите да гласаат за нив и да им се приклучат во тимот. Во текот на саботата и неделата тимовите се фокусираат на валидирање на идеите, учење на методологии за развој на бизнисот и креирање на базичен производ (MVP). Во недела вечер тимовите го презентираат демото или прототипот на својот производ и добиваат фидбек од панелот на судии- експерти, а најдобрите добиваат награди во насока на реализација на овие идеи.

Кога за првпат се има одржано овој настан и кој стои зад неговата организација ?

НП: Првиот настан е организиран во 2007 година во Колорадо од страна на Ендру Хајд, кој сакал да направи настан на кој учениците ќе научат нешто ново преку акт на креирање. По преземањето на настанот од страна на Марк Негер и Клинт Нeлсен, тој ја добива формата на Startup Weekend и започнува да се шири низ целиот свет. До овој момент, Startup Weekend има образовано и инспирирано повеќе од 30.000 претприемачи ширум светот, организирано повеќе од 1070 настани во повеќе од 480 градови и има повеќе од 150 организатори и волонтери кои се движечка сила на успехот на организацијата. Во рамките на овие настани до сега биле основани и 8190 компании.

Во Скопје настанот е организиран од страна на волонтери кои се активно посветени на градење на локалниот стартап екосистем. Станува збор за млади луѓе кои и самите се претприемачи и се активни на стартап сцената веќе од нејзините зачетоци: Наташа Петкова (ко-основач на Fox Media House), Теди Пејоски и Влатко Ѓурѓиноски (ко- основачи на G6), Ева Пиперевска (специјалист за дигитален и продукт маркетинг во G6), како и Игор Ристовски, Виктор Стојановски Зубер, Никола Трајковски, Ема Мишевска, Викторија Николовска и Горјан Димитровски.

Од кога се одржува овој настан во Скопје ?

НП: Првиот Startup Weekend Skopje се одржа во јуни 2011 година, по што следуваше уште еден настан во ноември истата година. Во текот на следните 3 години не се одржуваа настани, сѐ додека не се формираше новиот тим кој го организираше третиот Startup Weekend Skopje минатата година во Септември. Во Скопје до сега учествуваа преку 150 млади луѓе, беа формирани 30 тимови и околу 50% од идеите продолжија со понатамошен развој да си го најдат своето место на пазарот. Следниот настан ќе се одржи од 08- 10 мај во просториите на Телеком Иновативниот Центар.

Какво е досегашното искуство од претходните Startup Weekend настани во Скопје?

НП: Startup Weekend како настан е многу специфичен. Тој е проследен со многу енергија и ентузијазам, компетитивност, борба и желба за докажување помеѓу учесниците. Секој кој учествувал на еден ваков настан вели дека е уникатно и незаборавно искуство, преку кое на забавен начин успеал да научи многу работи кои се однесуваат на креирањето и водењето на бизнис. И не само тоа, најголемиот дел од учесниците на настаните се „заразуваат“ од некоја стартап треска, по што одлучуваат да се вклучат и на други настани од сличен карактер и со нетрпение ја очекуваат следната можност. На настаните секогаш покрај локалните ментори, се присутни и странски ментори и инвеститори кои се заинтересирани за идеи во рана фаза, што го подобрува самото искуство на учесниците и го зголемува бенефитот од учеството. Покрај бизнис делот на настаните секако не недостасува и забава, па имавме часови по Зумба, магионичари, комичари, квадрикоптер, Google Glass, Tesla…

Кој сѐ може да се пријави на настанот ?

НП: На настанот може да се пријават сите млади луѓе кои ќе се заинтересирани да започнат сопствен бизнис. Без разлика дали тие имаат идеја која сакаат да ја презентираат и тестираат или пак, само сакаат да бидат дел од стартап тим без сопствена идеја, настанот е погоден за сите кои имаат желба и мотивација да станат претприемачи. Може да дојдат со тим или сами, па тимот да го креираат на самиот настан. Ние препорачуваме тимови не помали од тројца луѓе со различен профил (програмери, дизајнери и економисти), но да не бидат поголеми од осум.

Секој кој е заинтересиран може да се пријави на следниов линк преку купување на билет за натпреварувачи, при што за студентите има и посебен попуст.

Дали имате некои успешни приказни од претходните настани кои што би ги мотивирале потенцијалните учесници ?

НП: Секако дека имаме. Два тимови од првиот настан го продолжија своето натпреварување на Европско ниво, наречено Startup Weekend Europe Battle и се запознаа со врвни инвеститори од Европа. Само за изминатиот настан можеме да се „пофалиме“ дека повеќе од 60% од тимовите продолжија со реализација на своите идеи по викендот, дел од нив се вклучија во локален бизнис акцелератор и се во активна потрага по инвеститори, а уште два тимови веќе се стекнаа со инвестиција- едните од норвешки инвеститори, другите од локални. Како дополнителна мотивација, најдобрите тимови беа наградени со солиден награден фонд: таблети, лаптопи, канцелариски простор, бесплатен консалтинг, хостинг пакети, бесплатни лиценци, стипендии, билети за познати европски стартап конференции.

Дали имате некаков совет кој што би им го дале на потенцијалните учесници на годинешниот настан ?

НП: Оние кои сѐуште не се одлучиле да учествуваат, да го направат тоа бидејќи Startup Weekend нуди специфично практично искуство во компетитивна средина и ќе се стекнат со бизнис знаења кои во училница никогаш нема да ги добијат. Оние кои ќе дојдат на настанот, да бидат отворени за соработка и да не ги игнорираат луѓето кои сакаат да бидат дел од нивниот тим, бидејќи тие навистина може да им донесат бенефит. Исто така, натпреварувачите да ги слушаат сугестиите на менторите и да ги прават модификациите на идејата согласно нивните насоки. Тоа се луѓе кои имаат големо бизнис искуство и навистина сакаат да им помогнат. Само како пример, победниците на минатиот Startup Weekend Skopje, Babblr App (сега преименувани во Cirql) започнаа со сервис преку кој ќе ги сликаат и презентираат спомениците, а завршија со апликација за ноќен живот.

Претходна статијаКаде најчесто удираат громови на планетата ?
Следна статијаШто се тие лебдечки недефинирани објекти кои понекогаш ги гледаме во окото?