img_1160

Како дел од Microsoft Визија: Reloaded оваа година, беше и презентацијата на Мајкл Когелер, генералниот директор за Microsoft за Централна и Источна Европа. Тој ја имаше една од најинтересните презентации на настанот, а тоа во голем дел се должеше на неговиот нестандарден и интересен карактер.

На настанот ја добивме одличната прилика да поразговараме со Мајкл на неколку теми, па во продолжение можете да го прочитате овој одличен и интересен муабет.

img_1145

Моето прво прашање е поврзано со нешто што го кажавте на вашата презентација, беше навистина интересно, односно за распон на внимание. Ова е нешто што го имаме забележано кога ги правиме нашите видеа за технологија, гледаме тие да бидат максимум 3 минути. Дали ова е нешто што е карактеристично за оваа денешна ера на технологија или важело отсекогаш ?

Не. Такви се човечките суштества. Дури е уште полошо, затоа што, дали знаеш дека просечниот распон на внимание за тебе, сега, да ме слушаш додека разговараме, а да не помислиш на нешто друго е 8 секунди. Можеш да ме слушаш додека зборувам 8 секунди, па дури и јас додека разговараме, почнувам да мислам на мојот син. Во 2002 беше 16,2 секунди. Што значи дека пред 13 години, било дупло.

Дали знаеш кој е распонот на внимание на златна рипка ? 12,3. Значи златната рипка има поголем распон на внимание од луѓето овие денови.

Мислам дека не е поврзано со технологија, мислам дека е поврзано со нашите мозоци. Има едно интересно истражување, можам да ти го испратам, од човек кој ги има истражувано мозоците на луѓе во Африка, кои немаат интернет, кои го немаат протокот на информации кој го имаме ние и ги споредил со нашите мозоци. Нашите мозоци се различни. Секој ден самите си ставаме толку многу информации, секоја секунда од денот. Ги процесираме тие информации, меѓутоа на многу повисоко ниво. Јас на пример веќе не можам да читам книги. Ако ми дадеш книга, не можам да ја читам. Читам резимеа или само ја „скенирам“ книгата. Немам време за тоа, не сакам времето да си го поминам читајќи книга. Дури и кога гледам серии, јас сум голем фан на Нетфликс, гледам 5-6 серии во исто време.

Живееме во ова време на телефони, ги читам вестите на мојот телефон…

Мислам дека не е технологијата, туку сме сите ние. Дури и моите деца. Тие гледаат телевизија и гледаат само 3 минути, па одат да прават нешто друго. Мојот син игра фудбал на Xbox, а во исто време слуша музика.

img_1154

Моето наредно прашање е директно поврзано со начинот на којшто јас ја извршувам мојата работа, односно работам од дома. Работев во компанија 4 години и некако не ми се допаѓаше, фиксното работно време, односно да мора нешто да направиш во толку и толку… Обично велат дека одредена работа ќе биде завршена за онолку време колку што е поставено. Дали во иднина се повеќе луѓе ќе почнат да работат од дома?

Да, мислам дека тоа веќе се случува. Не мислам дека е иднината, мислам дека е реалноста денес. Ако го земам и Microsoft како пример, јас бев инволвиран во промена на неколку згради од компанијата и секогаш кога правевме промена на зграда, го намалувавме капацитетот на катовите, додека бројот на луѓе се зголемуваше.

Значи, од луѓето бараме да работат од дома. Мислам дека ако работам од дома би бил многу повеќе продуктивен од било каде друго. Има разлика во начинот на којшто работите од дома. Јас лично кога ќе се разбудам работам, па пијам кафе, потоа разгледувам како е надвор и одам да џогирам, ги зимам децата, па потоа повторно работам, па си играм со децата, па повторно работам, гледам телевизија, па пак работам… Многу е поприродно.

Канцелариите, ова е интересна работа, дали би сакале да инвестирате во нив. Не верувам. Мислам дека канцелариите се застарен концепт. Одите на места за состаноци.

Ако некогаш имате шанса да дојдете во нашите канцеларии во Холандија, на пример, ќе видите дека е променет начинот на којшто тие се дизајнирани. Канцелариите се дизајнирани не според тимови или сектори, туку според начинот на којшто работите и што е тоа што треба да го направите. Тие имаат кабини каде што може да правите телефонски повици, имаат делови кои што се отворени и можат да се користат за работа и врева од десетина луѓе, имаат делови кои се наменети за состаноци. Така што зависно од што е тоа што го правите, одите во одреден дел од канцелариите. Мислам дека тој е правецот во кој се движиме.

Не знам како е во Македонија… Дали имате застои во сообраќајот во оваа земја ? Зошто луѓето се будат во 7, знаејќи дека треба да бидат во канцеларијата во 7:30, а во меѓувреме ќе заглават во сообраќајот. Седат 2 часа во сообраќај, одат во канцеларијата и работат, одат накај дома и повторно поминуваат 2 часа во сообраќај. Зошто не би оделе во канцеларијата во 10:30, а да работите од дома до 10:30 ? Затоа мислам дека целата работа е во тоа да го најдете својот начин.

Ова може да се поврзе и со автономните возила. Зошто луѓето ги сакаат овие возила ? Затоа што на тој начин не би морале да заглавуваат во сообраќајот. Јас прашувам, а што ако го решиме проблемот со сообраќајот, дали повторно би сакале да се возите со автономно возило ? Не, тогаш би возеле.

Мислам дека се обидуваме да поминеме над одреден проблем, да го заобиколиме, а ајде да го решиме проблемот. Мислам дека ќе дојде до промени со тек на време, сигурен сум. Јас немам канцеларија. Официјално сум лоциран во Дубаи, меѓутоа скоро никогаш не сум таму. Живеам секаде, работам секаде, на аеродром, во авион, секаде, не ми е проблем, хотел…

Наредното прашање е поврзано со претходното. Можеби и го одговоривте веќе, но ме интересира, дали дневната класична работа ќе биде надмината некој ден ? Дали сите еден ден ќе работат од дома со флексибилно работно време?

Живееме во време, а тоа е случајот и во Microsoft, кога станува поважно не колку работите, туку колку сте ефикасни. Ако некој којшто работи за мене, може да ја заврши својата работа работејќи 1 час во неделата, чиј проблем е тоа ? Тотално е мој проблем, затоа што тоа значи дека немам доволно побарано од таа личност или можеби таа личност е супер паметна или било што. Мислам, ова значи дека работата како дефиниција ќе се промени, ќе ја нема. Нема да одите на работа повеќе, вие сте тие што сте и правите различни работи. Што е до некаде интересно. Јас ги гледам луѓето како ја работат својата работа за повеќе компании. Некој може да биде ПР за 10 компании во исто време. На тој начин повеќе ќе може да се балансира времето. Ако денес нема работа, личноста нема да прави ништо, ќе гледа од прозорецот или ќе игра било што.

img_1133

Мислам дека целиот концепт на компании, работни места, сигурно ќе се промени, веќе се менува брзо. Нема да ги придобиете луѓето ако ги терате да бидат во канцеларија од 9 до 5. Се разбира, ако работите во продавница, мора да биде така. Некои влади го разбираат ова, некои не.

Еве пример. Да се обидете да извадите нов пасош, не знам каква е процедурата во вашата земја, но мора да одите од 9 до 5 за да го земете кога е готов. Зошто не би биле отворени 24 часа во денот ? Во Дубаи се отворени 24 часа во денот. Во Грузија имате пример каде сите услуги од владата се ставени во една зграда. И направена е како кафуле. Значи одите во кафуле и кажувате дека сакате нов пасош. Додека пиете капучино, некој доаѓа кај вас, ве слика, го зима вашиот отпечаток од прстите, а вие ги пополнувате вашите податоци и за 45 минути имате нов пасош, додека пиете кафе. Тоа е одличен свет.

Исто така, што е со концептот на празници? На оваа тема разговарав со еден член на мојот тим минатата недела. Јас работам често за викендите, патувам често, потоа понеделник и вторник знам да ги земам како слободни денови. Сакам да ја работам мојата работа кога сакам. Ова е добра тема за некој филозофски настроен, но мислам дека работите се движат брзо.

Често во последно време се поставува прашањето дали Вештачката интелигенција ќе ги земе работните места на луѓето. Има истражувања кои кажуваат дека тие работни места нема ни да бидат потребни веќе. Луѓето се’ почесто ќе работат во услужните бизниси.

Има неколку работи во вашето прашање. Прво е Вештачката интелигенција, односно што е вештачка интелигенција, самото име го објаснува тоа. Вештачка интелигенција, значи е вештачка, не е вистинска. Мислам дека, го кажав ова и на мојата презентација, роботите нема да ги преземат нашите животи. На пример, ако ти кажам нешто тебе и ти почнеш да плачеш, би плачел поради емоциите кои ги имаш. Ако кажам на пример, дека носиш погрешни чевли, ти ќе почнеш да плачеш. Ако имаш робот, мора да му кажеш, ако Мајкл ти каже дека носиш погрешни чевли и кога ќе ти го каже тоа ти треба да плачеш. Тоа е вештачко. Значи работата е ако, тогаш…

Да, роботите ги правиме паметни, тие можат да го скенираат моето лице, да ги читаат моите емоции, но сепак, треба да им кажете што е емоцијата. Значи, дали мислам дека ќе преземат работни места? Да, мислам дека ќе преземат работни места, но мислам дека не би била Вештачката интелигенција, туку автоматизацијата на работите.

На пример, има луѓе кои внесуваат податоци цело време или луѓе кои прават многу други работи кои компјутерите може да ги прават многу побрзо. Компјутерите може да анализираат податоци многу побрзо од луѓето. Затоа треба да го искористиме тоа кај компјутерите или генерално кај технологијата за да си ги олесниме животите.

Ние може да го правиме тоа во кое што ние сме добри, а тоа е да бидеме креативни. Ние како луѓе сме креативни, спонтани. Нема робот кој ќе биде спонтан. Дали ќе одземат работни места ? Да мислам дека ќе одземат од 25.000 луѓе кои чистат измет, а повеќето од нив ќе станат таксисти.

Секогаш има ново работно место, се работи за еволуција и во работните места. Мислам дека работните места ќе се губат и мислам дека светот ќе се промени. Замислете да половина од работните места во светот се изгубени, односно веќе не се потребни. Што ќе прават луѓето, затоа што работните места ќе се намалат, а населението расте. Тоа е барање беља. Тоа веќе го гледаме.

Колку луѓе во светот немаат пари ? Немаат пари да купат храна. Има доста луѓе кои имаат интересна теорија, дека на сите луѓе треба да им се даде основен приход ист за сите. Така, ако на сите им давате по 1.500 долари месечно, секој којшто живее на планетата да добива по 1.500 долари месечно за да живее, тогаш ќе решите многу проблеми. Ќе ги решите проблемите со храната, со гладот и слично. Сите би имале основен приход. Тогаш, луѓето кои би сакале да заработат повеќе, ќе почнат да работат, ќе почнат да прават работи. Ако сте задоволни со 1.500 долари месечно, тогаш добро, не мора да работите, што е важно, одете по риба или правете тоа што би сакале.

Интересна работа е што за да се дојде до 1.500 долари месечно, се шокирав кога ги видов бројките, 1% од светкиот БДП е доволен за да се осигураме дека сите ќе можат да добијат по 1.500 долари месечно. Ова е застрашувачка бројка. 1% од сето тоа што го прават сите земји во светот, ќе ги реши нивните проблеми. Па зошто не го правиме тоа ? Не знам, не знам, ова е навистина интересна тема. Би требало да навлеземе подлабоко во темата.

img_1131

Наредното прашање е поврзано со „облакот“. Вие говоревте за ова на вашата презентација. Луѓето обично се загрижени за приватноста во облакот. Дали нивните податоци се безбедни, компаниите не дозволуваат користење на облакот за нивните вработени. Дали луѓето може да се чувствуваат безбедно користејќи го облакот ?

Дали имате банки тука ? Дали им верувате на банките ? Пред 200 години имало пари или во што и да било тоа што им плаќале на луѓето. На некого му текнало да ги чува работите на луѓето, па кратко кажано настанале банките.

Вие ми давате пари, јас ви давам пластична картичка и се осигурувам дека ќе има машини низ целиот свет, а вие ја ставате картичката во машината и ги добивате вашите пари. Им верувате на банките. Ние сме банки за податоци. Банките се регулирани, безбедни, но и ние сме исти.

Нашите дата центри во Microsoft, ги имаат највисоките стандарди за безбедност, највисоките стандарди на сертификација. НАТО, министерството за одбрана, било кој, од нив сме сертифицирани. Луѓето кажуваат дека сме безбедни.

Работата е што, еве не пример, ако купите куќа и ги ставите најновите аларми, брави, најновите безбедносни системи и слично, дали ќе ја оставите вашата предна врата отворена ? Нема.

Тука доаѓа и до проблем со работите. Користење на нелегален софтвер. Едноставно не сте безбедни. Тука има многу пиратерија, луѓето мора да почнат да зимаат легален софтвер. Тогаш ги добивате најновите надградби, тогаш сте безбедни. Мора да следите одредени насоки.

Дознав дека во вашата земја во продавниците луѓето може да ви ги побараат вашите лични податоци. Тоа е глупо, зошто би ги правеле тоа? Ова е како возење автомобил. Во сообраќајот има правила, односно ги палите вашите трепкачи кога вртите лево или десно, или не возите на погрешната страна од патот. Има закони и правила и доколку не се почитуваат, ќе настанат проблеми.

Јас не сум загрижен за приватноста на податоците и сите тие работи. Треба едноставно да ги направиме како што треба. Microsoft како компанија работи со Google, Amazon и другите играчи на пазарот, за да се осигураме дека работите ќе бидат направени како што треба, работиме и со владите за да им помогнеме.

Да бидеме реални, се’ уште нема закони за овие работи. Тоа се нема случено порано. Многу од земјите со кои работам, немаат закони за заштита на податоците, немаат насоки, па владите не прашуваат, што да правиме, што да правиме ? Затоа ние им помагаме да изградат легислатива, за да стане сигурно. Мислам дека ова е единствениот начин напред.

Ова прашање повторно е поврзано со мојата работа. Рековте во презентацијата дека е тешко да се најдат добри луѓе. Зошто е тоа така и дали мислите дека ова е модерен проблем или ист бил случајот и пред 20 години?

Мислам дека луѓето имаат многу поголем избор денес. Порано на одредена возраст ве „бркале“ од дома и ви кажувале да работите и да заработувате пари. Денес луѓето студираат и прават други работи. Едноставно имаат други принципи и различен начин на гледање на светот.

Мислам дека не е тешко да се најдат добри луѓе, туку е тешко да се најдат добри луѓе, да ги донесете во вашата компанија и да ги задржите таму.

Многу луѓе гледаат можности цело време. Има многу ситуации и во мојот тим, кои ми кажуваат дека им се допаѓа да работат во Microsoft, но ќе си одат и ќе започнат своја компанија утре. Пред 50 години тоа ќе беше нешто неверојатно. Тогаш ќе се вработевте некаде и ќе останевте таму до пензионирање. Некои влади се’ уште го прават тоа.

Мислам дека има војна за добриот талент, флексибилниот талент и паметниот талент. Зошто? Затоа што има избор.

Мојот внук на пример, ми кажува дека ќе студира во еден град, потоа ќе оди во друг на неколку години. Човек од мојот тим во Белгија си даде отказ и реши да шета по светот. Рече дека му е доста од сето ова. Сега сурфа на некоја плажа. Луѓето денес имаат голем избор.

Би сакал да ве прашам и за мобилниот бизнис на Microsoft. Дали ќе се вратите некогаш во иднина? Дали очекувате да имате, не знам, 10% од пазарот, на пример? Дали планирате да го претставите Surface Phone за кого може да се прочитаат шпекулации ?

Не можам да коментирам за ова, но искрено, не знам, можеби. А на прашањето дали би земале 10% од пазарот. Мислам дека ќе земеме повеќе. Само работата е што ќе биде различен пазар.

Според аналитичарите, наредната поголема работа во мобилниот пазар ќе биде Continuum функцијата на Windows 10, односно можноста да го користите вашиот мобилен како компјутер. Тоа ќе биде функцијата која ќе го направи мобилниот дел од Microsoft повторно важен.

Интересното е што ние прекинавме со телефоните, ја прекинавме Lumia линијата, не правиме нови, само ги продаваме, но ги гледате HP, Asus, мислам и Lenovo, тие повторно прават Windows 10 уреди.

Доколку ги погледнете HP, со нивниот модел, тие се фокусираат на бизнис корисниците. Многу едноставно, се фокусираат на бизнис корисници.

Разговаравме за проблемот со апликации, ако немате апликации, не може да продавате телефони, ако немате телефони, но имате апликации, повторно не можете да продавате. Затоа мислам дека тоа што го прави HP е многу паметно. Зошто да бидеме реални, Windows 10 е истиот на мобилните и компјутерите. Тој е многу сигурен и е многу повеќе бизнис ориентиран. Затоа HP нема да го стави тој телефон во продавница, туку ќе оди директно до бизнис корисниците. Тука Continuum игра интересна улога. Телефонот од работа го носите дома и продолжувате да работите од него. Ова е клучна работа и на новите пазари. Замислете семејства каде родителите имаат пари само за еден телефон. Децата ќе можат да го користат како таблет или како целосен компјутер.

Како што кажавте, ќе земеме 10% од пазарот, јас мислам и повеќе само не знам од кој пазар. Затоа што ќе работиме на наредната голема работа, нема логика да го донесеме новиот iPhone, затоа што веќе го има. Зошто би сакале да го направите тоа? Мислам дека треба да го најдеме новиот пазар и новиот производ. Мислете на работи со холограми, мислете на сите работи за кои говорев на мојата презентација. Мислам дека нема повеќе да биде телефон. Мислам дека ќе биде на пример персонален асистент во форма на контактни леќи, на пример. Нешто така, во моментов само измислувам, не знам. Има многу работи кои се случуваат во таа област.

Дали би можеле да дадете коментар за разликата во Microsoft порано со Стив Балмер и сега со Сатја Надела, атмосферата во целата компанија?

Можам да коментирам само за моето искуство. Работев блиску со Стив и работам блиску со Сатја, односно работев и со двајцата. Со двајцата работев на различни проекти. Тие се различни. Да бидам фер, мислам дека редоследот по кој дојдоа до своите позиции е добар. Да беше прво Сатја, па Стив, мислам дека немаше да функционира. Но Стив го направи Microsoft голем. Стив го направи Microsoft да биде каде што бевме. Стив го направи Microsoft глобален играч во сите овие области, оперативниот систем, облакот…

Сатја веќе беше вклучен во тоа, со неговата претходна позиција. Стив е човекот кој го операционализира Microsoft. Тој, заедно со Кевин Тарнер, го направија Microsoft машината којашто е денес. Многу фокусирана, оперативна компанија. Можеби не секогаш изгледаме дека брзо донесуваме одлуки, ни тоа не е така. Многу брзо одлучуваме, имам споредба со другите компании во кои имам работено.

Мислам дека доаѓањето на Сатја после Стив е скоро како еволуција. Го имавме Бил. Стив презема од Бил затоа што тој беше научниот човек, но не го сакаше многу бизнис делот. Тука дојде Стив. Тој ги донесе организациските дизајни, тој ги организира сите вработени и ние сега сме машина која ќе оди да го освои светот, нешто што веќе го правиме, со нашите партнери и корисници. Тука дојде Сатја и рече, ова е новиот „вкус“.

Балансот на сите нив е неверојатен. Бил е се’ уште во позадината. Тој е личен советник на Сатја. Можете да кажете дека Стив не е веќе таму, но не верувам во тоа. Го знам човекот, знам колку се блиски тројцата. Имаше статија пред некоја недела дека Стив се има искарано со Бил Гејтс, меѓутоа јас не верувам во тоа.

Сатја е многу скромен човек. Го сретнав еднаш во Дубаи пред некој месец. Седеше во патики и капа. Дека се познаваме, го поздравив, ме покани да седнам на кафе и слично.

Претходна статијаНАЈАВА: MAKPETROL | Dell EMC – Event 2016
Следна статијаKARIERA.mk – Македонска мрежа од над 700.000 луѓе
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.