Intel го најави претставувањето на нивниот најнов чип од новата Core Ultra серија веднаш по најавата на првите компјутери со Snapdragon X од Qualcomm при крајот на минатиот месец.

Овие нови компјутери, покрај тоа што се ARM, ја донесуваат вештачката интелигенција на големо кај лаптоп компјутерите, а Microsoft како што е сега веќе доста познато, ги нарекува Copilot+ компјутери.

Intel во рамките на Computex 2024 официјално го претстави Lunar Lake чипот, а тој донесува неколку новини кои досега беа повеќе карактеристични за ARM чиповите од конкурентите. Intel продолжува да развива на x86 архитектурата, односно кратко кажано, класичните чипови за компјутерите.

Сепак, Lunar Lake треба да донесе перформанси и заштеда на енергијата на ниво на ARM чиповите, па ќе биде интересно да ги видиме првите тестови кога ќе излезат и првите компјутери во третата четвртина од годината.

Една од главните новини кај Lunar Lake е што овој чип ќе биде целосно интегриран, односно RAM меморијата ќе биде вградена во чипот, а тоа треба да донесе и поголема брзина, но и заштеда на енергија.

Корисниците ќе можат да изберат помеѓу 16 и 32GB на RAM, а за тие кои сепак го сакаат повеќе класичниот избор, ќе мора да почекаат до Arrow Lake чиповите кои ќе бидат претставени до крајот на годината.

Lunar Lake исто така ја трга познатата „hyper threading“ технологија која Intel ја користи одамна, а објаснување е дека новите процесорски јадра функционираат многу подобри и не вреди додавањето на оваа технологија која троши повеќе и зафаќа простор.

Како што беше и претходно најавено, Lunar Lake донесува нови процесорски јадра, а ќе ги има вкупно осум, односно четири за перформанси и четири за заштеда.

Intel се откажа од посебните јадра за најголема заштеда од ланските модели, па новите јадра овозможуваат доста подобри перформанси со мал дел од енергијата која е потребна.

На крајот, Lunar Lake е чип специјално развиен за Copilot+ компјутерите, односно за компјутерите со вештачка интелигенција. Овој чип засега овозможува најмногу TOPS, односно 48 од NPU процесорот, додека во комбинација со новиот графички процесор, Xe2, се добиваат дополнителни 67 TOPS за локална работа со ВИ.

Intel најавува 80 различни компјутери со новиот чип од 20 производители.

ИЗВОРThe Verge
ИЗВОР 2PCWorld
Претходна статијаiPhone 16 Pro нема да добие нов дизајн, но затоа ќе ги има најтенките рамки околу екранот
Следна статијаМакедонец еден од победниците на 24тиот CodeIT организиран од Мусала Софт дел од Киншифт
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.