Intel официјално ги претстави Lunar Lake чиповите, како беше најавено дека ќе се случи во септември. Овие чипови го носат официјалното име Intel Core Ultra 200V, односно се втората генерација од ланските Core Ultra.

Овие чипови од Intel треба да се одговорот на големиот успех кој го има Apple со нивните ARM чипови, до тој степен што полека го гледаме префрлувањето на Windows компјутерите на истата архитектура со новите Snapdragon X чипови. 

Од тоа што го презентира Intel со втората генерација од Core Ultra може да се заклучи дека x86 чиповите не им се ближи крајот, како што често се кажува, па Intel изгледа се тука да останат сериозен фактор на пазарот.

Главната предност која ја донесоа ARM чиповите беше доста помалата потрошувачка на енергија, а сепак понудата на одлични перформанси, нешто што пред M серијата на чипови од Apple до некаде се сметаше и како невозможно. 

Intel Core Ultra 200V чиповите покажуваат дека и x86 чиповите можат да го понудат истото, а на страната на Windows Intel со право ја истакнува и компатибилноста со апликациите. 

Компјутерите со Snapdragon X се’ уште имаат проблем со достапноста на апликации, а тие што се достапни преку емулатор често не функционираат баш како што треба. 

Во случајот со чиповите од Intel овој проблем го нема, па корисниците можат да бидат сигурни дека нема апликација која нема да биде компатибилна со нивниот нов компјутер. 

Тоа што е ново кај Core Ultra 2 серијата е што, како што беше најавено, процесорот веќе нема поддршка за „hyperthreading“, а намален е и бројот на јадра. Сепак, чиповите овозможуваат перформанси кои се конкурентни, па често и подобри од досегашните.

Потрошувачката на енергија е доста намалена, а ако тестовите на Intel се покажат како точни во независните тестирања, Qualcomm може да има проблем. 

Големото подобрување кај перформансите и потрошувачката доаѓаат и од новите јадра за заштеда на енергија кои се доста посилни од претходно, како и новата архитектура кај јадрата за перформанси. 

На тоа треба да се додаде и новата генерација на графичкиот процесор, односно Intel Xe2 кој донесува 30% подобрување од претходната генерација. 

Intel ја истакнува и бројката од 120 TOPS за вештачка интелигенција кога се користат во комбинација процесорот, графичкиот процесор и процесорот за ВИ. Ова е доста добра бројка која им конкурира на останатите, па често и ги надминува. 

Големо подобрување има и кај процесорот за ВИ, но тие подобрувања ќе може да се видат во иднина кога ќе има повеќе апликации и функции со ВИ, а програмерите се’ уште сметаат дека е подобро да го искористуваат „хибридниот“ модел. 

Компјутерите со Intel Core Ultra 200V ќе почнат да се продаваат уште од 24 септември, а ќе биде компатибилни со Copilot+ барањата кои на корисниците ќе им бидат достапни од ноември. 

Intel со оваа нова серија има повеќе чипови, што значи дека производителите ќе можат да понудат различни категории за нивните корисници. 

Во продолжение можете да го погледнете целиот настан на кој беа презентирани новите чипови.

ИЗВОРWindows Central
ИЗВОР 2TechSpot
Претходна статијаНовата енергетски ефикасна линија на Samsung за Европа дебитира на саемот IFA 2024 овозможувајќи дополнителни заштеди на енергија
Следна статијаMicrosoft ја претстави Windows App апликацијата за оддалечен пристап до различните видови на компјутери на корисниците
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.