MWC 2022 ни донесува одлични нови мобилни телефони оваа година. Honor, подбрендот на Huawei кој компанијата го продаде и сега може да функционира надвор од санкциите кои ги има до ден денес Huawei, претстави неколку производи, меѓу кои и два нови смартфони од највисоката класа.

Тоа што веднаш би го привлекло вниманието на корисниците е достапноста на сервисите и апликациите од Google, вклучително и на Play Store продавницата за апликации. Заедно со сличноста во дизајнот и функциите, Honor може да претставува одлична алтернатива за корисниците кои беа големи фанови на Huawei, но сега се мислат при купувањето поради Google апликациите.

Honor Magic4 Pro е главниот нов модел, а достапна е и нешто послабата верзија Honor Magic4. Овие два телефони го делат најголемиот дел од карактеристиките, па основниот модел доаѓа само со неколку „недостатоци“.

Двата уреди работат на најновиот Snapdragon 8 Gen 1, што значи дека може да се очекуваат одлични перформанси, а од компанијата посебно ја истакнуваат и нивната HONOR Turbo технологија која ја максимизира способноста на чипот.

Големината на екранот кај двата модели е 6,81 инч со резолуција од 2848 на 1312 пиксели, односно „скоро“ 2К. Стапката на освежување е со 120 херци, но уште поважно, екранот е LPTO и стапката ја прилагодува од 1 до 120 херци, што е одлично за заштедата на батеријата.

Телефоните го користат стилот на екран со заобленост од страните, нешто што можеби на некои корисници нема да им се допадне, а на други би им било одлично враќање на карактеристиката која останатите производители, а посебно Samsung, решија да не ја користат веќе.

На задната страна се поставени камери со 50 мегапиксели кај главната камера, исто така 50 мегапиксели кај ултра широката камера, 64 мегапиксели кај камерата за зумирање и 8 мегапиксели кај селфи камерата на предната страна.

Honor Magic4 моделот се разликува само по камерата за зумирање која има 8 мегапиксели.

Magic4 Pro посебно се истакнува и по можноста за полнење на батеријата која има капацитет од 4600 mAh. Полнењето се прави со полнач од 100W, а истото е случајот и кај безжичното полнење. Ова значи дека без разлика како ќе решат корисниците да го полнат овој телефон, процесот ќе биде доста краток, па е одлична алтернатива додека чекаме да излезат доста подобри батерии кои никако да бидат преставени.

Телефоните работат на Magic UI 6.0 „скинот“ кој е направен на основа на Android 12. Како што веќе истакнавме, Honor телефоните доаѓаат со Google Play продавницата, односно сите апликации кои корисниците би ги очекувале од еден Android уред.

ИЗВОРHonor
Претходна статијаПочна новата наградна игра „Со ВЕРНА купувај и награди добивај“ за 2022 година
Следна статијаOppo ја најави својата наредна генерација на брзи полначи со 150W
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.