По неофицијалната најава, сега Google официјално ја претстави наредната генерација од нивниот доста популарен Chromecast уред. Најновата верзија целосно го менува форматот и стилот, па наместо да претставува еден мал уред кој се поврзува зад телевизорот и го претвора во паметен, новата верзија доаѓа во форма на целосен „стриминг бокс“ кој се поставува пред телевизорот.
Со ова Google влегува во директна конкуренција со Apple TV, а корисниците дефинитивно добиваат подобрено искуство, со сите досегашните придобивки од овој уред.
Google TV Streamer покрај тоа што овозможува гледање на содржина преку Google TV корисничкиот интерфејс, тој овозможува и контрола на паметниот дом служејќи како „хаб“, исто како и Apple TV.
Корисниците ќе можат да ги поврзат и контролираат сите нивни компатибилни уреди, вклучувајќи ги и Matter, а вграден е и Thread border router за подобрена поврзаност на уредите.
За разлика од Chromecast, Google TV Streamer доаѓа со подобар процесор, повеќе меморија, можност за поврзување со кабел, како и поддршка за Dolby Vision и Atmos.
Најважно од се, а и очекувано, уредот доаѓа со вграден Gemini кој може да им направи листи за содржина која сакаат да ја гледаат, но и да им ги сумира филмовите и сериите кои сакаат да ги гледаат.
Корисниците добиваат и целосно нов далечински управувач кој е направен во модерниот стил, односно едноставен и без многу копчиња.
Google TV Streamer ќе се продава нешто поевтино од Apple TV, односно за 99 долари, но како и досега нема официјално да биде достапен во Македонија.