Google конечно го враќа своето внимание кон Android уредите со поголеми екрани, односно таблет компјутерите, уредите со екран кој се превиткува, па дури и ChromeOS уредите. Тоа значи дека Android таблет компјутерите би требало конечно да можат да им конкурираат на Apple, а тоа да не го прават само со големиот избор и ниските цени.

Можеби ова се случува благодарение на појавата на уредите со екрани кои се превиткуваат, па кога се отворени, овие уреди во основа се мали таблет компјутери. Google ќе мора да го прилагоди својот оперативен систем, посебно што се најавува дека и тие планираат да претстават Pixel со екран кој се превиткува.

Новото внимание од страна на Google доаѓа во форма на Android 12L. Ова не е посебна верзија од Android, туку група од функции кои се додадени врз Android 12.

Како што би се очекувало, Android 12L ќе донесе подобро искористување на поголемиот простор од поголемите екрани со прилагодувања на известувањата и центарот за известувања, брзите прилагодувања, екранот кога е заклучен уредот, главниот екран и повеќе.

Уште во оваа фаза Google ги претстави главните промени кои се дел од Android 12L, па се гледа прикажувањето на центарот за известувања во два дела, односно на едната страна брзите прилагодувања, на другата известувањата.

Исто така, големо внимание привлекува новиот „таскбар“ на долната страна од екранот каде иконите од апликациите се поставени во средината. Ваквата поставеност е многу повеќе погодна за поголемите екрани, наместо како досега иконите да се „растегнати“ на целиот екран.

Од таскбарот корисниците ќе можат директно да влезат во поделен режим на апликациите со едноставно повлекување на иконата од апликацијата на левата или десната страна од екранот. Новина е што сега сите апликации автоматски ќе можат да функционираат во овој режим, без потреба од избор од страна на програмерот, како што е сега со Android на мобилните.

Google ја пушта уште сега верзијата од Android 12L наменета за програмерите, а финалната верзија се очекува за почетокот од идната година, кога се очекуваат и нови модели од Android таблет компјутери.

Програмерите ќе можат да почнат со прилагодување на своите апликации, а за тоа ќе можат да ги користат алатките од Google кои сега се прилагодени за Android 12L и ќе им овозможат на програмерите да ја прилагодат својата апликација за повеќе видови на екрани.

Android 12L донесува и можност за детектирање на поделба на екранот или екран кој се превиткува, па промената на позицијата на овие уреди, од отворени во затворени и обратно, да овозможи соодветно прилагодување на апликацијата.

Може да се каже дека Google конечно направи нешто за овој вид на уреди, па сега останува на програмерите да ги прилагодат своите апликации, па можеби ќе видиме сериозна конкуренција од страна на Android производителите на пазарот на таблет компјутери, но и други поголем уреди.

ИЗВОРEngadget
ИЗВОР 2TechCrunch
Претходна статијаСо третман и правилно користење на енергетската ефикасност до соодветни решенија за справување со недостатокот од струја
Следна статијаЛинкови во Instagram Stories сега може да додаваат сите корисници
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.