Google

После стандардниот период на тестирање, прво од страна на програмерите, па потоа од сите заинтересирани кои можат да ја инсталираат бета верзијата, Android 11 стигна до финалната верзија која прво им се пушта на корисниците на Pixel уредите од Google.

Покрај на Pixel уредите, Android 11 ќе им биде достапен и на одредени модели од OnePlus, Xiaomi, OPPO и Realme. Ова се модели кои работат на скоро непроменета верзија од Android, па може веднаш да ја добијат надградбата.

Што се однесува до останатите, како и секоја година, корисниците ќе треба да чекаат на производителот на нивниот телефон да ја пушти надградбата, а обично истата им следува на телефоните кои не се постари од година до две.

Инаку, Android 11 очекувано не донесува некои посебни новини кога е во прашање корисничкиот интерфејс, што значи дека Android ќе продолжи да изгледа како што изгледаше до сега. Главните новини се во функциите, како и стандардното подобрување на перформансите и потрошувачката на енергија.

Главната новина која ја донесува Android 11 е поврзана со разговорите, односно апликациите за разговори. Оваа верзија од системот става многу поголем акцент на овие апликации преку посебен дел во центарот за известувања, каде известувањата од апликациите како Messenger, Viber и слични, се прикажани први и посебно означени и издвоени во делот логично наречен „Conversations“.

Во овој дел, дополнително, за секоја од апликациите може да се вклучи функцијата „bubbles“ која во основа овозможува прикажување на известувањата во стилот на chat heads во Messenger, за било која апликација.

Android 11 исто така донесува многу подобро контролирање на „медиа“ апликациите за кои сега контролите се поставени да бидат повеќе истакнати, а истите се прикажуваат во истиот ред за повеќе апликации. Додадена е можноста каде да биде пуштен звукот доколку сте поврзани на повеќе места, како на пример на безжичен звучник, слушалки и слично.

Единаесеттата верзија од Android дополнително ја подобрува приватноста на корисниците со воведување на можност да се дозволи само еднаш пристап до одредени информации како што се локацијата, камерата, микрофонот и слично. Апликацијата ќе ги добие потребните дозволи при првото вклучување, по што ќе и бидат повлечени, а исто така доколку одредени дозволи не се користат подолго време, истите ќе бидат автоматски повлечени.

Во продолжение можете да ја погледнете одличната рецензија на Android 11 од страна на The Verge, па мислам дека ќе ја добиете целосната претстава за што ново донесува оваа верзија.

ИЗВОРAndroid Central
ИЗВОР 2The Verge
Претходна статијаApple закажа настан на 15-ти септември, но за новите iPhone модели ќе почекаме уште некоја недела
Следна статијаДиректорот на Netflix има негативно мислење за работењето до дома, но истакнува дека вработените ќе се вратат на работа по вакцинирањето
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.