Очекувавме дека првпат ќе прочитаме за ова утре на настанот од Google во Париз, но од компанијата, поточно директорот Сундар Пичаи, го најави нивниот конкурент на ChatGPT од OpenAI во текот на вчерашниот ден.

Како што можевме да прочитаме од неофицијалните информации, името на алатката, односно сервисот од Google е наречен Bard и истиот е направен на основа на LaMDA – Language Model for Dialogue Applications.

Ова кратко кажано е конкурентот на Google не само на ChatGPT алатката, туку нејзината интеграција во Bing која можевме на кратко да ја видиме оваа недела. Google Search ќе почне да ја добива интеграцијата со Bard во неделите што следат, а Microsoft се очекува да ја презентира нивната верзија во текот на денешниот ден.

„Bard се обидува да ја комбинира широчината на знаењето на светот со моќта, интелигенцијата и креативноста на нашите големи јазични модели. Тој се базира на информации од веб за да обезбеди свежи, висококвалитетни одговори. Бард може да биде извор за креативност или за љубопитност, помагајќи ви да ги објасните новите откритија од вселенскиот телескоп Џејмс Веб на НАСА на 9-годишно дете, или да дознаете повеќе за најдобрите напаѓачи во фудбалот во моментов, а потоа да добиете вежби, да ги изградите вашите вештини.“ – истакнува Сундар Пичаи, директорот на Google и Alphabet.

Во оваа фаза Bard ќе им стане достапен на програмерите во полесна верзија на LaMDA, што значи дека ќе може да се користи на повеќето компјутери. Ова значи дека исто како ChatGPT, Bard нема да биде достапен само за користење во Google Search, па програмерите ќе можат да го користат за нивните потреби.

Интеграцијата на Bart во Google Search ќе го промени начинот на којшто луѓето пребаруваат работи на интернет, а дефинитивно ќе ја задржи конкурентноста на најмногу користениот интернет пребарувач.

Сундар Пичаи дава добар пример како вештачката интелигенција, поточно јазичните модели како Bard, ќе го променат начинот на пребарување. Наместо пребарување за „колку копчиња има кај пијаното“, корисниците сега ќе можат да пребаруваат повеќе во правец на „дали пијаното или гитарата се полесни за учење и колку вежбање е потребно“.

Како што веќе најавивме, интеграцијата на вештачката интелигенција во пребарувачите ќе им овозможи на корисниците да постават поконкретни прашања формулирани целосно како да се разговара со човек. Пребарувачот ќе може да даде конкретен одговор, а во продолжение да се видат и изворите доколку корисникот сака самиот да го истражи одговорот.

Претходна статијаMicrosoft закажа настан за денеска на кој се очекува да ја претстави интеграцијата на ChatGPT во Bing
Следна статијаApple продолжува со развојот на двонасочно безжично полнење за iPhone
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.