Можно е да нема друг уред на кој се чекало повеќе години, со стандардните шпекулации и неофицијални информации. Дека чекањето е завршено дознавме минатата недела кога Google го прикажа Pixel Fold предвреме, а сега конечно го имаме и официјалното претставување на уредот, во рамките на Google I/O конференцијата, како што се очекуваше.

Уште од првиот поглед на Pixel Fold може да се види дека се работи за посебен уред кој ќе донесе добра конкуренција на пазарот, а очекуваме и дека ќе ги загрижи малку Samsung.

Главната причина за овој заклучок е форматот во кој е направен Pixel Fold. Истиот овозможува да кога е затворен може да се користи како класичен смартфон, нешто што кај Galaxy Z Fold не е баш како што треба направено, па овој уред има доста издолжен формат, односно тесен, а висок екран.

Истото важи и за внатрешниот екран, односно тој кој се превиткува и овозможува кога е отворен уредот да се претвори во мал таблет компјутер. Во случајот на Pixel Fold, форматот е повеќе во правец на „пејзаж“ позиција, а не како што е случајот кај конкурентот кој е повеќе во „портрет“ позиција.

Ова овозможува апликациите да го „третираат“ Pixel Fold како таблет, а за истото да не мора да се сврти уредот.

Google истакна дека ги има оптимизирано сите нивни апликации за работа во овој режим, а како што би очекувале, апликациите можат да се поставуваат и една до друга за да се искористи поголемиот и поширок екран.

Посебно интересно решение е малиот „док“ кој се појавува на долната страна кога апликациите се на целиот екран или две една до друга. Овој док овозможува лесно префрлување на друга апликација, а се гледа одличниот дизајн со кој е направен и лесното негово користење.

Pixel Fold е доста тенок како за ваков вид на уред. Кога е затворен двата екрани целосно се допираат, што значи дека нема мал дел кој е одвоен, нешто што се најавува и за Galaxy Z Fold5 оваа година.

Механизмот за преклопување е направен од нерѓосувачки челик и интересно е поставен во најголем дел на горната и долната страна, наместо по целата линија на уредот. Ова овозможува тој да е потенок, но и ја додава потребата од поголемите рамки на внатрешниот екран, нешто што го видовме уште за време на најавата, а за некои корисници ова може да е причина за критика. Според нас, оваа рамка му дава таблет изглед на уредот и им овозможува на корисниците подобро да го држат.

Механизмот за преклоп е направен доста цврсто, од тоа што може да се види од најавата и присутните новинари, а тоа овозможува да може да се намести во било која позицијата. Тука се веќе познатите функции за гледање на видео со полуотворен уред, а оваа можност може да се користи и за полесно сликање и слични активности.

Што се однесува до карактеристиките, Pixel Fold доаѓа со 7,6 инчен внатрешен екран со резолуција од 2208 на 1840 пиксели и стапка на освежување од 120 херци. Овој екран е заштитен со тенко стакло, а има и Always-On можности.

Надворешниот екран е со големина од 5,8 инчи и резолуција од 2092 на 1080 пиксели и исто така има стапка на освежување од 120 херци и Always-On функција.

Pixel Fold работи на Google Tensor G2 чипот и има 12GB LPDDR5 RAM, со избор од 256 и 512 UFS 3.1 простор за податоци. Иако Google го фали својот чип, сепак повеќето тестови покажуваат дека иако не е лош, не може баш да се спореди со конкуренцијата.

Уредот има вкупно пет камери, односно две селфи камери со 8 мегапиксели кај внатрешниот екран и 9,5 мегапиксели кај надворешниот. На задната страна се поставени три камери со 48 мегапиксели кај главната, 10,8 мегапиксели кај ултра широката, како и 10,8 мегапиксели и кај камерата за зумирање до 5 пати.

Ова е сличен систем на камери како кај Pixel 7 Pro, но од Google не можеле да го вградат баш истиот сензор од овој телефон.

Батеријата е со капацитет од 4821 mAh и може да се полни со 30W полнач, а има и поддршка за безжично полнење. Од Google најавуваат 24 часа траење на батеријата, но не гледаме како е тоа можно, а посебно со користење на внатрешниот екран.

Телефонот ќе се продава по цена од 1800 долари, но Pixel уредите се’ уште не се официјално достапни во нашата земја.

Во продолжение можете да го погледнете првиот поглед на Pixel Fold од страна на Маркез Браунли.

ИЗВОРGoogle
Претходна статијаDiscord е доволно голем да сите корисници мора да изберат ново корисничко име
Следна статијаGoogle Bard доби нов јазичен модел, стана повеќе визуелен и одличен помошник за програмерите
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.