На онлајн настан, покрај низа други новини, Google го претстави Pixel 5 телефонот кој беше најавен уште во август кога беше претставен Pixel 4a. На овој настан беше најавено претставувањето и на 5G варијанта од Pixel 4a, која беше претставена заедно со „поважниот“ Pixel 5.

Со Pixel 5 слободно може да се каже дека Google ја менува стратегијата на настап на пазарот, па кога ќе се погледнат карактеристиките на телефонот и неговата цена, станува јасно дека од компанијата не се обидуваат директно да им конкурираат на најсилните.

Првата работа по која тоа може да се забележи е чипсетот на којшто работи Pixel 5 и тој не е како што би очекувале Snapdragon 865, туку нешто послабиот Snapdragon 765G, кој сепак ја има предноста на вграден 5G модем. Инаку, поддршката за 5G треба да биде за повеќето мрежи, што значи ќе нема проблем да функционира во поголемиот дел од светот.

Меморијата на Pixel 5 сепак е на одлично ниво, па така корисниците добиваат 8GB RAM, а тука е и просторот за податоци од 128GB, кој иако не делува премногу, сепак би рекле дека во ова време на „cloud“ сервиси, реално и не треба повеќе. Тоа што најмногу зафаќа простор на мобилните, се сликите, а тие бесплатно можат да бидат прикачени на Google Photos сервисот.

Екранот е со големина од 6 инчи и има резолуција од 2.350 на 1.080 пиксели и има стапка на освежување од 90Hz. За разлика од ланскиот Pixel, овој модел ги нема сензорите кои правеа да има поголеми рамки на горната и долната страна, па така Pixel 5 доаѓа во очекуваниот стил на само екран на предната страна, а камерата е поставена во мала дупка на левата страна.

Камери вкупно има три, односно две на задната страна со 12,2 мегапиксели кај главната и 16 мегапиксели кај камерата со поширок агол на сликање. Предната, селфи камера доаѓа со сензор од 8 мегапиксели.

Pixel уредите од Google се познати по одличните способности на камерите, па иако „само“ две камери на задната страна делува малку за пазарот кој има во просек три, сепак во комбинација со софтверот, повторно се очекува Pixel 5 да ги има едни од најдобрите слики.

Батеријата на Pixel 5 е со капацитет од 4.080 mAh и може брзо да се полни со полнач со капацитет од 18W. Ова не е нешто посебно со оглед на тоа што веќе го нуди конкуренцијата, но сепак ќе овозможи доволно брзо полнење, кое нема да трае со часови.

Цената на Google Pixel 5 треба да биде 699 долари, што е намалување од ланскиот Pixel за 100 долари. Ова го прави новиот и најдобар телефон од Google доста привлечен за купувачите, па и тие од највисоката класа кои за овој уред не мора да дадат над 1000 евра.

ИЗВОРGoogle
ИЗВОР 2The Verge
Претходна статијаРСБСП со апел: Децата до трето одделение, тргнаа на училиште, возачи, намалете ја брзината и внимавајте на децата во сообраќајот
Следна статијаЕУ спрема нови правила за ИТ компаниите и можноста за давање предност на нивните сервиси и апликации
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.