Како што беше најавено и очекувано, Google во текот на вчерашниот ден го претстави нивниот најнов поевтин Pixel телефон, Pixel 4A. Покрај овој телефон, Google ги најави и Pixel 5, како и 5G верзијата од Pixel 4A, кои ќе бидат достапни оваа есен, иако не е точно најавено кога.

Причината поради која уште сега Google ги најави нивните наредни телефони е изгледа поврзана со тоа што и Pixel 4A веќе доцни, поради ситуацијата настаната поради новиот коронавирус. Корисниците вака имаат подобра претстава што може да се очекува од Google оваа година, а тие уште од лани почнаа да не оставаат се на неофицијалните информации.

Google Pixel 4A доаѓа со 5,8 инчен AMOLED екран со резолуција од 2.340 на 1.080 пиксели, што е доволно за одлични 443 пиксели на инч. Ова е нешто помал екран од тоа што се навикнавме да гледаме изминатите години кај Android телефоните, но сепак може да се каже дека е доволно.

Google за првпат се одлучи селфи камерата да ја постави во мала дупка, наместо во исечок, што е според нас многу подобро решение. Дупката за камерата се наоѓа на левата страна од екранот, наместо во средината како што е случајот кај доста модели од конкуренцијата, па останува на корисниците да се решат дали тоа им прави разлика.

Pixel 4A работи на Snapdragon 730G и има 6GB RAM со 128GB простор за податоци. Ова е очекувано со оглед на цената и категоријата во која цели Google со своите A модели, а исто така комбинацијата на чипсетот со резолуцијата на екранот сигурно ќе овозможат задоволително траење на батеријата која е со капацитет од 3.140 mAh.

Како и сите Pixel телефони, така и овој треба да биде познат по квалитетот на сликите кои ги вади, а порталите во САД кои веќе имаа шанса да го тестираат, кажуваат дека повторно случајот е тој, односно Pixel 4A вади одлични слики.

На задната страна е поставена една камера, истата од Pixel 4 телефон, со 12,2 мегапиксели и f/1.7. На предната страна камерата е со 8 мегапиксели, f/2.0 и агол за сликање од 84 степени.

На задната страна исто така е поставен и сензор за отпечатоци, нешто што ретко го гледаме оваа година поради тоа што конкурентите почнаа да ги вградуваат своите сензори под екранот или се одлучуваат за 3D скен од лицето, како што прави Apple, на пример.

Google Pixel 4A како и останатите Pixel уреди нема да биде достапен во нашата земја, барем на официјално, па корисниците кои се заинтересирани ќе треба да го купат ако имаат можност од друга земја или ако го донесат некоја од нашите „мобилари“. Цената по која ќе се продава, односно таа што ја најави Google за во САД, изнесува 350 долари, со што овој телефон ќе биде привлечен за купување од доста корисници.

ИЗВОРThe Verge
ИЗВОР 2Google
Претходна статијаeBussy е концепт на модуларно електрично возило кое нуди избор од 10 различни видови на варијанти
Следна статијаMicrosoft во преговори за можно купување на TikTok во САД и уште неколку земји
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.