Шпекулациите се покажаа како точни, Google има работено на претставување на првиот уред на преклоп и истиот е наречен Pixel Fold. Од компанијата го прикажаа уредот и со тоа ги потврдија и неофицијални слики, а целосното претставување ќе се случи идната недела на 10 мај за време на Google I/O конференцијата.

Ова значи дека покрај изгледот, немаме дополнителни информации за Pixel Fold. Објавено е кратко видео на Twitter профилот од Made by Google, па можеме да ги извадиме заклучоците од тоа што го гледаме.

Pixel Fold е направен во стилот на другите Pixel уреди, а посебно тука може да се препознае модулот за камерите. Тие се три на задната страна, а достапни се уште две „селфи“ камери, по една на двата екрани.

Тука се и нешто поголемите рамки на поголемиот екран, односно тој што се превиткува. Оваа одлука беше критикувана кога излезе неофицијално, но според нас му дава на уредот таблет изглед.

Се очекува дека Pixel Fold ќе работи на ланскиот Tensor G2 чип на кого работат Pixel 7 телефоните, заедно со 12GB LPDDR5 RAM и избор од 256 и 512GB простор за податоци.

Камерите треба да дојдат со 48 мегапиксели кај главната и одлична f/1.7 вредност, а тука се и камерата со можност за 5 пати зумирање со 10,8 мегапиксели и ултра широката камера со исто така 10,8 мегапиксели. Селфи камерите треба да дојдат со 9,5 мегапиксели на надворешниот екран и со 9 мегапиксели на внатрешниот.

Големината на екраните се очекува дека ќе биде 7,6 инчи на внатрешниот екран со 2208 на 1840 пиксели, како и 5,8 инчи кај надворешниот со 2092 на 1080 пиксели резолуција.

Од ова се гледа дека Google имаат отидено во нешто поразличен правец од Samsung, па телефонот ќе биде нешто покомпактен, а посебно кога е затворен.

Претходна статијаКако треба да изгледа новиот поголем надворешен екран кај Galaxy Z Flip5
Следна статијаЕУ ги предупредиле Apple за можното ограничување на USB-C каблите кои не се сертифицирани од нив
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.