Програмерите конечно веќе нема да бидат ограничени да во своите апликации го користат WebKit, односно технологијата за интернет прелистувачи од Apple на која работи Safari. Оваа промена доаѓа со iOS 17.4, но не по одлука од Apple, туку поради новите закони во Европската Унија, а од компанијата не го кријат фактот дека не се баш среќни што мораат да ги воведат овие, како и уште неколку други промени.
Ова значи дека Google Chrome, Mozilla Firefox и другите, ќе можат да почнат да ги користат сопствените технологии кои досега само на iOS не можеа да ги користат. Со тоа користењето на овие апликации веќе нема да биде само „шминка“, па корисниците ќе добијат и поразлично искуство на сурфање.
Apple не пропуштија да истакнат за можното нарушување на безбедноста на корисниците поради оваа одлука, како и влијанието на перформансите на уредот и батеријата.
Промените се однесуваат само на корисниците во ЕУ, а за нив исто така при првото вклучување на Safari после надградбата на iOS 17.4, ќе им биде прикажан избор за поставување на главен прелистувач.
Од Apple планираат да ги авторизираат програмерите за да можат да користат друга технологија од WebKit, а со тоа тие истакнуваат дека ќе сакаат да се осигураат дека се следат одредени критериуми, како и правила за приватност или безбедност.
Се очекува уште веднаш Google да ја пушти својата нова верзија од Chrome која ќе работи на нивната Blink технологија, а ќе видиме кога тоа ќе го направат другите.
Со оглед на тоа што поголемиот дел од конкуренцијата функционира на основа на Chromium кодот, не остануваат многу кои ќе донесат другите технологии. Загриженоста на Apple најверојатно најмногу доаѓа од малите прелистувачи кои функционираат на различни непознати технологии за кои не верувам дека ќе добијат авторизација за пуштање на iOS.