nexus_groupshot-100617850-primary.idge

За прв пат откако пребарувачкиот гигант влезе во хардверскиот свет и го лансираше првиот Nexus телефон, гледаме два нови модели, кои имаат различни големини и кои ќе бидат наменети за различни групи на корисници.

Поголемиот, Nexus 6P, е изработен од Huawei и има целосно метално тело – за прв пат во серијата. Ова го става рамо до рамо со конкурентите кои даваат луксузно чувство кога ќе се фатат во рака, за разлика од постарите Nexus-и, кои претежно имаа пластична изработка. И целосно, самиот дизајн изгледа многу попривлечно од се што сме виделе од Google досега.

nexus-6p-1

Спецификациите се исто така најдоброто што може да го понуди еден Android во моментов. AMOLED екранот има големина од 5,7 инчи и резолуција од 2560х1440 пиксели. Процесорот е познатиот Snapdragon 810, но во нова, подобрена верзија, помогнат од 3 GB рам меморија и можност за 32, 64 или 128 GB простор за складирање податоци и батерија од 3450 mAh, која ќе се полни преку USB Type-C приклучок(достапно е и брзо полнење). Со овој чипсет во внатрешноста и чистиот Android Marshmallow, купувачите можат да очекуваат исклучително мазно работење со оперативниот систем, додека батеријата би можела да истурка и два дена со едно полнење.

Но, мазни беа и скоро сите Nexus претходници – тоа и не е главниот адут на новиот модел. За прв пат, Google има посветено големо внимание на камерата, која сега има 12,3 мегапиксели и f2.0 бленда е и позајмена од Sony. Истиот сензор претходно се има користено во видео – камери на јапонскиот бренд и ветува извонредни перформанси во сите услови, дури и во темница. Всушност, Google отиде дотаму што камерата на Nexus 6P ја споредува со најдобрите во класата! Секако, камерата може да снима и 4K видео и забавено видео со 240 fps, а за брзо фокусирање, вграден е и ласерски автофокусен систем.

Истата камера е вградена и во помалиот и поевтин Nexus 5X, кој е изработен од LG, како и сензорот за отчитување на отпечатоци за прстите, кој може да го направи скенирањето за само 0,6 секунди, што го прави еден од најбрзите во светот на паметните телефони. А со Marshmallow, отпечатоците конечно може да се користат низ целиот оперативен систем.

5x

Настрана камерата и скенерот за отпечатоци на прсти, кои се исти како кај поголемиот модел, Nexus 5X има пластично тело во кое е вграден 5,2 инчен Full HD LCD дисплеј, а во внатрешноста има Snapdragon 808 процесор, помогнат од 2 GB рам меморија и две верзии со 16 и 32 GB простор за складирање податоци. Батеријата има капацитет од 2700 mAh и исто така ќе се полни преку USB Type-C (достапно е и брзо полнење), што исто така треба да овозможи прилично долго траење на батеријата, особено благодарение на новата, оптимизирана верзија на Android Marshmallow 6.0.

Покрај спецификациите и перформансите, Nexus 5X се разликува од поголемиот модел по предната камера која има 5 мегапиксели, наместо 8, како и по тоа што има само еден звучни, додека Nexus 6P има два стерео звучници, поставени во предниот дел, кои би требало да овозможат прилично квалитетно аудио доживување, особено при гледање на видеа и филмови.

Секако, разлики ќе има и во цените. Nexus 5X ќе чини 379 долари за основниот, односно 429 долари за моделот со 32 GB простор, додека Nexus 6P ќе почнува од 499 долари и кај него ќе се доплаќаат плус 50 долари за да се добие верзија со повеќе простор за складирање податоци.

Извор: PC World, Ubergizmo, Engadget, Greenbot, Google, Android Police

Претходна статијаSeeed RePhone – Kickstarter проект за модуларен телефон
Следна статијаTwitter наводно работи на тргање на лимитот од 140 карактери