Google во текот на вчерашниот ден ја најави можеби досега најголемата промена во компанијата од нејзиното основање. Се работи за креирање на нова компанија во чија целосна сопственост ќе биде досегашната Google.

Името на новата компанија е Alphabet, а на нејзиното чело ќе застанат основачите на Google, односно Larry Page како главен директор на компанијата и Sergey Brin како претседател на одборот.

Сите досегашни акции на Google ќе бидат пренесени во новата компанија која што ќе биде исто така достапна на берзата.

Во новата компанија Google ќе биде една од повеќето компании подружници во целосна сопственост на Alphabet. Сите компании во групацијата ќе имаат посебен главен директор, а таа позиција во Google ќе ја добие и досега активниот и познат Sundar Pichai.

Google со ова преструктуирање ќе стане нешто помала компанија. Тоа значи дека Google ќе продолжи да работи со основните бизниси, оние поврзани со самиот почеток на компанијата, како што се пребарување, Android, YouTube, реклами и слично.

Останатите бизниси кои што беа започнати од Google, ќе станат посебни компании, што може да се каже и дека е доста логично. Па така, Google X, бизнисите за развој на самоуправувачкиот автомобил, уреди за здравје и слични, ќе бидат многу повеќе независни, сите како посебни компании со посебни директори и буџет.

Долго време верувавме дека компаниите со тек на време стануваат удобни во истата работа која што ја вршат, правејќи само делумни промени.

Нашата компанија работи добро денес, но мислиме дека може да ја направиме почиста и поодговорна. Затоа креираме нова компанија, наречена Alphabet. – дел од блогот на Лери Пејџ.

Веб страната на новата компанија ја има адресата https://abc.xyz/ , дел и поради тоа што alphabet.com е веќе зафатена.

Со овие промени може да се очекува поконцентрирана работа на секоја компанија од групацијата во својата област. Тоа треба да донесе подобар и поголем развој на посебните области, а исто така и издвојување од Google брендот што често знаеше да доведе и до забуна.

Извор: Google, TNW, The Verge, TechRadar

Претходна статијаGoogle спрема Android телефони поевтини од 50 долари!
Следна статијаВредност плус за студентите на Aкадемиите на Seavus Едукативен и Развоен Центар и Seavus Александрија
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.