fujitsu-laser-eyes-100584831-large

Надградената и виртуелната реалност е зад аголот. Илјадници компании секојдневно се натпреваруваат да создадат подобри системи за подобрување на нашето искуство во однос на светот. Се чини дека иднината од „Матрикс“ не е толку далеку, а останува да видиме дали ќе биде дистописка.

Како и да е, повеќето од уредите кои се занимаваат со виртуелна/надградена реалност се базираат на нашето сетило за гледање, и се обидуваат да го надградат искуството за очите пред се`. Во главно сервирањето на виртуелната слика се изведува преку LCD екранчиња кои се наоѓаат некаде во близина на очите (како на пример со Google Glass, или Oculus Rift). Од друга страна од Fujitsu помислија дека можеби ќе можат малку поинаку да го изведат емитувањето на слика врз очите – и употребија ласер.

Без паника, ласерот кој го употребуваат не е штетен и е класичен ЦЗП (црвен-зелен-плав; RGB) ласер со мала моќност. Тие го вградиле ваквиот ласер во, засега незграпни, очила на нивната лева страна. Зраците патуваат и се одбиваат од две огледалца пред очите, а потоа влегуваат во нив. Притоа, не е потребно фокусирање или леќи. Ласерот може да прикажува слика од камерата која е поставена во центарот на очилата, а може да се поврзе со преносен уред и да ги прикажува информациите од неговиот екран. Ова овозможува да се прегледуваат содржини и да се пребарува по Интернет директно пред очите.

Засега контролниот уред за очилата е голем колку еден том од делата на Маркс, но секако дека постојат планови да се намали, па дури и да се интегрира во очилата заедно со безжичен примопредавател – што ќе ги направи очилата безжични. Fujitsu ги замислуваат овие очила како помош за луѓе со оштетен вид и ќе ги пласираат на пазарите на Јапонија, Европа и САД пред другите. Сепак, убедени сме дека разни ентузијасти ќе ги земат за да почнат да развиваат системи за надградена и виртуелна реалност со нив. Да се надеваме дека претпоставената цена на пазарот во 2016 г. од 2.000 долари нема да ги обесхрабри.

Во меѓувреме проверете го Glyph – емитување на слика директно во окото; како и кортикалниот модем на DARPA.

Извор: PCWorld, IT Pro Portal

Претходна статијаMicrosoft ги претстави сите изведби на Windows 10
Следна статијаMediaTek го лансираше првиот мобилен процесор со 10 јадра!