Фото: Mozilla

Една од поголемите предности да се користи Firefox на Android порано беше достапноста на екстензиите кои веќе сме научени да ги користиме на десктоп. Оваа можност за жал беше укината, по целосната преработка на Firefox, но истата сега повторно се враќа.

Firefox на Android официјално доби поддршка за екстензии, а за почеток достапни се повеќе од 450 од нив. Со оглед на тоа што се работи за отворен систем за екстензии, исто како на десктоп, оваа бројка може да се очекува значително да порасне со тек на време.

Прелистувачот и досега имаше поддршка за екстензии, но системот беше затворен и само мал број на екстензии беше овозможен од страна на Mozilla. Со овој нов отворен систем сите програмери сега можат да поднесат своја екстензија во продавницата од компанијата.

„Екстензиите најпрво беа создадени како начин луѓето да го приспособат сопственото интернет искуство, од уметници кои дизајнираат теми до програмери кои сакаа да направат екстензии за да го подобрат веб-искуството на луѓето“, рече Вики Чин, потпретседател за инженерство во Firefox. „Возбудени сме што ќе го донесеме ова искуство на Firefox за Android, каде што сме единствениот главен прелистувач на Android што поддржува отворен екосистем за екстензии. Во наредните месеци, планираме да овозможиме повеќе екстензии за луѓето да избираат и да го приспособат сопственото искуство со мобилен интернет“.

Со оваа новина, Firefox на Android се доведува до нивото на практичност на десктоп верзијата, а за голем број на корисниците ова може да е доволно да се одлучат да се префрлат на овој прелистувач.

Google Chrome останува прелистувачот број 1 на сите платформи, па останатите треба посебно да се потрудат, како Mozilla сега, за да го привлечат вниманието на корисниците.

До екстензиите за мобилен може да се пристапи преку овој линк.

ИЗВОРgHacks
Претходна статијаИстражување за аспирациите за кариера и вештини на младите
Следна статијаЗапочна пријавувањето за избор на најдобрите е-трговци за 2023
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.