Времето кога корисниците мораа да направат целосно различни Facebook сметки, со различни имејл адреси и целиот процес кој доаѓа со тоа, сега е завршено. Од мрежата сега овозможуваат корисниците да имаат пет различни профили и сето тоа од едната главна сметка.
Првата помисла секако која доаѓа со ова е можната злоупотреба од страна на корисниците кои и порано правеа различни сметки за не толку „стандардни“ цели.
Сепак, начинот на кој ја замислуваат оваа новина од Meta е повеќе во правец на поделба на интересите на корисниците. Конкретно, можноста за повеќе профили е замислена за ова време кога корисниците имаат простор каде да ги прикажат нивните способности. Примерот кој е даден во најавата на новата можност е со втор профил преку кој корисничката на Facebook ќе ги промовира своите готвачки способности.
Од Meta истакнуваат дека корисниците можат да имаат посебни профили за своите пријатели и за луѓето од нивното работно место. Сето ова е до некаде можно да се издвои и сега, но можноста да се направи целосно посебен профил сигурно овозможува подобра приватност.
Секој профил ќе биде независен од другиот, а корисникот ќе мора да има еден главен. Прилагодувањата, како и објавите кои се прикажуваат се целосно посебни на секој профил.
За почеток не сите функции ќе бидат достапни на другите профили, па разговорите ќе може да се прават преку Facebook апликацијата и преку веб, а се најавува поддршка за Messenger за во иднина.
Meta има поставено одредени механизми за заштита од злоупотреба, па се гледа дека целта на оваа нова можност не е корисниците лажно да се претставуваат и слични намени кои ни се познати.