Користењето на Snapdragon 8 Gen 2 чипот во сите земји каде се продава Galaxy S серијата беше една од подобрите вести за корисниците на Samsung. Веќе неколку години нивниот Exynos чип не се покажува баш најдобро, а посебно во споредба со тој од Qualcomm, па корисниците во Европа и уште неколку други пазари, не беа баш среќни што не ги добиваат перформансите на американските корисници.
Сега повторно излегуваат информации за можно враќање на практиката на користење на Exynos во одредени региони, иако не е познато дали Европа повторно би била во таа група.
Неофицијална објава на карактеристиките на непретставениот Exynos 2400 оди во правец на потврда на овие гласини, па шансите за Galaxy S24 серијата да работи на овој чип сега изгледаат поголеми.
Според информациите, објавени на кинеската верзија од страната на AnTuTu, Exynos 2400 ќе биде изработен во 4nm технологија од Samsung. Со оглед дека истата е нова, не можеме да знаеме дали ќе ги има „проблемите“ од претходната или конечно ќе се покаже како сериозна конкуренција на пазарот.
Чипот треба да дојде со 10 јадра поставени во 1+2+3+4 конфигурација, односно ќе има едно Cortex-X4 јадро кое би работело на 3,1GHz. Наредните 5 јадра би биле Cortex-A720, но две од нив би работеле на 2,9GHz, а три од нив на 2,6GHz. Cortex-A520 јадрата, кои треба да се 4 и да работат на 1,8GHz, би биле тука за заштеда на енергијата и работа при нормални активности.
Тоа што привлекува посебно внимание е зголемувањето на бројот на јадра кај графичкиот процесор кој треба да биде Xclipse 940. Доколку овој дел се покаже доста подобро од претходната генерација, перформансите кои би се добиле би биле „на ниво“.
Не е познато дали продолжувањето на развојот на Exynos е со цел користење повторно кај Galaxy S серијата, а можевме да прочитаме и за тоа дека од компанијата планираат развој на целосно нов чип за телефоните. Дури и да се продолжи со користење на овој чип, ќе видиме кои региони ќе го добијат, а и какви ќе бидат перформансите овој пат.