Discord, сервисот кој едно време беше најпознат кај „гејминг“ заедницата, а сега е многу повеќе од тоа, најави дека започнува со воведување на „од-крај-до-крај“ шифрирање на нивните аудио и видео повици.
Шифрирани ќе бидат аудио и видео повиците кај директните пораки, групните пораки, каналите, како и Go Live каналите за стриминг во живо. Текстуалните пораки остануваат без ваква заштита, но сепак сервисот е познат по своите аудио и видео повици, па поголемиот дел од комуникацијата сега ќе биде заштитен.
Протоколот којшто ќе се користи е развиен од страна на Discord во соработка со Trail of Bits, компанија за сајбер безбедност која има направено детална ревизија на дизајнот и имплементацијата на протоколот за шифрирање.
Протоколот е наречен DAVE и е со отворен код, што е доста важно и на него може да биде направена независна ревизија од секој кој е заинтересиран и со тоа да се потврди шифрирањето и безбедноста кои ги овозможува.
Техничките детали за овој протокол и како тој ќе функционира може да се прочитаат во најавата од страна на Discord на овој линк.
Корисниците ќе можат да видат дека нивните разговори се шифрирани со посебна ознака во форма на катанец во зелена боја. Достапна ќе биде и можноста да се споредат клучевите на секој учесник, нешто што е доста важно за да се потврди другата страна и безбедноста на комуникацијата.
Од компанијата планираат постепено да ја воведат оваа нова функција во периодот што следи, па сите корисници би требало да ја добијат во наредните неколку месеци.
Како потврда за добрата новина може да се види и позитивната оценка од страна на Electronic Frontier Foundation.