Discord платформата, која во 2015 започна во главно како место за „гејмерите“, веќе неколку години е многу повеќе од тоа. Едно време имаше и преговори истата да биде купена од страна на Microsoft, но на крајот не испадна ништо.

Кратко кажано, Discord може да се опише како Slack или Microsoft Teams за обичните корисници, каде тие можат да креираат различни сервери на кои ќе „се соберат“ за одредени интереси, на почеток во главно за играње на игри. Сега Discord е место каде може да се организираат секакви групи, а корисниците и се почесто ја користат платформата.

Поради ова, односно доста поголемиот број на корисници, од компанијата најавија дека ќе го променат начинот на којшто корисниците се означени на платформата, односно начинот на избор на кориснички имиња.

Ко-основачот на компанијата, Станислав Вишневски, објаснува за почетоците на платформата и како тој бил задолжен токму за овој дел, кој веќе не може да продолжи вака да функционира.

Моментално корисничките имиња на Discord можат да се користат дури и ако веќе се зафатени, преку автоматско додавање на четирицифрена бројка после изборот. Дополнително, имињата зависат од тоа дали се користи голема или мала буква, па може да се погодат „исти“ имиња, со истата бројка, но од различни корисници. Ова дефинитивно е збунувачки, па новиот начин ќе биде доста пологичен.

Како што би се очекувало, новиот начин е како останатите друштвени мрежи, односно можеби најдобрата споредба е со Twitter.

Корисниците ќе можат да изберат едно уникатно корисничко име, без додавки од платформата. Корисничкото име ќе започнува со „@“, а потоа ќе може да се додадат мали букви, бројки и два вида карактери како точка, на пример. Корисниците ќе мора да изберат слободно кориснички име, односно веќе нема да може да има две исти, затоа што веќе нема да има автоматско додавање на бројки на крајот.

Тоа што ќе им овозможи на корисниците да бидат препознаени е името, кое не мора да е уникатно. Исто како на Twitter, доколку има повеќе корисници со истото име, тие ќе се распознаваат по корисничкото име.

Корисничките имиња ќе може да се менуваат од време на време, додека имињата ќе може да се менуваат колку сака корисникот.

Промените ќе почнат постепено да им бидат пуштани на корисниците, со приоритет на постарите корисници, а одреден период тие ќе можат да бидат најдени на Discord и со старите кориснички имиња.

ИЗВОРDiscord
Претходна статијаHuawei Mate X3 и P60 Pro стануваат достапни надвор од Кина
Следна статијаGoogle го претстави Pixel Fold – првиот уред на преклоп од компанијата
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.