Тоа што требаше да биде директна конкуренција на Google и другите пребарувачи преку SearchGPT, сега доаѓа во нешто поразлична форма. OpenAI официјално ја најави можноста за пребарување преку ChatGPT, односно го најавија ChatGPT search.
Тоа што оваа новина значи во основа е дека ChatGPT конечно добива пристап до веб, односно до веб страните достапни за пребарување и со тоа може да дава најнови информации, а не само до датата на која е трениран моделот, како што беше досега.
Корисниците можат да продолжат на ист начин да го користат ChatGPT, односно да поставуваат прашања на природен и разговорен начин, како што истакнуваат од OpenAI, а сега „четботот“ ќе ги даде најновите достапни информации на интернет.
ChatGPT ќе проценува кога одговорот кој ќе го даде на прашањето има потреба да биде врз основа на пребарување на интернет, а корисниците ќе можат и самите да изберат тоа да биде така преку новото копче достапно на лентата за текст.
Со ова ChatGPT веќе не е зад Copilot од Microsoft, како и Gemini од Google кои оваа функција ја имаат уште од почетокот.
Доста добра новина која доаѓа со ChatGPT search, а на некој начин и мораше да биде додадена, е прикажувањето на изворите на одговорите, па корисниците можат и самите да ги проверат или да продолжат со истражување и читање.
OpenAI има започнато соработка со повеќе извори за прикажување на информации како временска прогноза, хартии од вредност, спорт, вести и мапи. Резултатите кои ќе се прикажуваат, односно одговорите ќе доаѓаат од ваквите извори, а од компанијата истакнуваат дека пребарувањето ќе се прави и со помош на другите интернет пребарувачи.
ChatGPT пребарувањето им е веднаш достапно на ChatGPT Plus и Team корисниците преку веб и преку апликациите, а исто така корисниците кои се имаат зачленето на листата на чекање за SearchGPT ќе имаат пристап веднаш. За останатите, како и бесплатните корисници, пристапот ќе биде пуштен во неделите што следат.