Американската компанија Boom Supersonic објави револуционерна иновација во авијацијата наречена „Boomless Cruise”, која овозможува суперсоничен лет без звучен удар што се слуша на земјата. Оваа технологија беше успешно демонстрирана на 28 јануари 2025 година, кога нивниот тест авион XB-1 го проби звучниот ѕид три пати без да предизвика звучен удар што достигна до земјата.
„Boomless Cruise” се заснова на физичкиот феномен познат како „Mach cutoff”, при што звучниот удар се рефлектира во атмосферата и не достигнува до површината на земјата. Овој ефект се постигнува со пробивање на звучниот ѕид на доволно голема височина, при што точните брзини варираат во зависност од атмосферските услови.
„XB-1 го проби звучниот ѕид три пати за време на својот прв суперсоничен лет—без да се слушне удар,” изјави Блејк Шол, основач и извршен директор на Boom Supersonic. “Ова го потврдува она во што долго време верувавме: суперсоничното патување може да биде достапно, одржливо и пријатно за оние во авионот и на земјата. Со овој успех, го воведуваме ‘Boomless Cruise’ на Overture, овозможувајќи побрзо патување на уште повеќе рути.”
Специјализирани микрофонски системи поставени под патеката на летање потврдија дека звучните удари не достигнале до земјата додека XB-1 летал со брзина од Mach 1,12. Собраните податоци за време на повеќекратните суперсонични летови на XB-1 им овозможија на Boom да ги верификуваат моделите на звучни удари и да ги подобрат алгоритмите кои го предвидуваат работењето во „Mach cutoff”.
Оваа иновација отвора врата за суперсонично патување над копно со авионот Overture на Boom. „Boomless Cruise” му овозможува на Overture да лета со брзини до Mach 1,3 без да предизвика звучен удар, намалувајќи го времето на лет од исток до запад на САД за до 90 минути. Меѓународните рути со копнени сегменти исто така можат да имаат корист од зголемените брзини.
Претходно, Boom планираше Overture да оперира со брзина од Mach 0,94 над копно—приближно 20% побрзо од денешните субсонични авиони — и да го пробива звучниот ѕид само над вода, достигнувајќи брзина до Mach 1,7. Сепак, новите податоци од суперсоничниот лет на XB-1 покажуваат дека Overture може да патува до 50% побрзо од денешните авиони над копно без да предизвика звучен удар.
Boom Supersonic во текот на вчерашниот ден го изведе својот втор тест лет на XB-1, постигнувајќи го Boomless Cruise повторно и без никаков проблем.