xl_AU016753-1

Секој кој седнал во возило ја осетил нервозата кога треба непотребно да чека на некој семафор да се вклучи, место возењето да му трае природно користејќи т.н. зелен бран. Особено во Скопје се оддава впечаток дека тие што ги штелуваат нашите семафори како да воопшто не гледале да биде што поефикасно возењето и да може да не се застане на што повеќе семафори. Но за среќа во Германија, Италија и САД не е така.

Ауди моментално тестира систем кој овозможува синхронизација на градските семафори и нивно врзување со автомобилите кои доаѓаат во нивна близина за да ги пренесат информациите околу нивната состојба. Па така, ако следниот семафор кој доаѓа на патот наскоро ќе се запали на црвено, системот ве предупредува за да не ја зголемувате брзината како би поминале што побргу (додека трае „портокалово“ што е честа појава кај нас). Но стремежот е да се организираат зелени бранови на семафори кои ќе ве известуваат дека следниот семафор ќе го поминете со стандардната брзина (околу 50-60 км/ч) и да продолжите да возите без да се грижите дали ќе стигнете.

Во исто време овој систем ќе знае за колку време ќе се вклучи зелено на некој семафор на кој чекате и ако е подолго од десеттина секунди ќе ви го изгаси возилото и ќе го вклучи повторно некое време пред да треба да тргнете, така штедејќи ви гориво и намалувајќи го загадувањето во градот. Возилото ве известува со мал знак на инструменталната табла кој ги прикажува сите горенаведени информации.

Online traffic light information

Ауди овој систем сега го тестира во Берлин, Верона и Лас Вегас, каде што има интегрирани неколку стотици семафори кои комуницираат со тестните возила. Според Ауди овој систем има потенцијал да ги намали емисиите на јаглероден двооксид за 15 проценти и да зачува околу 900 милиони литри гориво годишно само во Германија.

Audi A6 on Las Vegas strip

Покрај овие заштеди дополнителен позитивен факт е што автоматското палење пред да треба да тргнете ќе ви помогне да не гледате опсесивно во семафорот, да посветите внимание на нешто друго или да го пуштите мозокот на пасење и да намалите доста од сообраќајниот стрес. Да се надеваме дека примената на вакво нешто кај нас нема да го земе стандардното време на две децении од времето кога било применето во светот.

Извор: T3, Gizmag

Претходна статијаПоефикасни соларни панели со користење на Блуреј дискови
Следна статијаBluetooth 4.2 ќе овозможи директно поврзување на интернет и подобра безбедност