Apple вчера ја претстави десеттата генерација од нивниот Watch, па иако не го добивме големиот редизајн како што едно време се очекуваше, од компанијата сепак претставија доста добра надградба на, како што тие го нарекуваат, најпродаваниот часовник.
Apple Watch Series 10 доаѓа со досега најголемиот екран кај Apple Watch, па тој е поголем дури и од тој кај Watch Ultra. Ова корисниците го добиваат со мало зголемување на димензиите, па Watch 10 доаѓа со големина од 42 и 46 милиметри, зголемување од само 1 милиметар во споредба со претходните модели.
Покрај ова, Apple Watch Series 10 доаѓа со помала дебелина, па тој е 10% потенок од претходните генерации, а доаѓа и со помала тежина зависно од изработката.
Оваа година верзиите со челик се заменети со титаниум, па корисниците добиваат избор од алуминиум или титаниум како изработка за часовникот. Верзиите со титаниум се 20% полесни од претходната генерација, а секако треба да бидат и поиздржливи и отпорни на гребаници.
Apple Watch Series 10 доаѓа со најновиот чип од Apple наменет за паметните часовници, S10, кој доаѓа со четири јадрен NPU кој треба да донесе подобрување кај активностите, како на пример автоматското започнување на вежби.
Батеријата на Watch 10 нема да донесе повеќедневно траење, но затоа се полни доста побрзо од претходните генерации. Корисниците можат да очекуваат до 80% полнење за половина час, а полнење на батеријата 15 минути треба да овозможи до 8 часа користење.
Новиот часовник сега доаѓа со подобри звучници кои ќе можат да се користат и за слушање на музика, на пример, а ќе овозможат доста подобро искуство при телефонски разговори. Во тој правец, Watch 10 добива и подобри микрофони и изолација на гласот со што заднинската бучава веќе не би требало да се слуша.
Една од поголемите новини кај Watch Series 10 е можноста за откривање на апнеја при спиење, нешто што според Apple е состојба која ја имаат повеќе од 1,5 милијарди луѓе, а не е откриена од нивна страна.
Оваа функција е направена врз основа на истражувања, а треба да добие и одобрување од страна на FDA. Тоа значи дека корисниците ќе можат да ја користат информацијата од нивниот часовник за да отидат и да се проверат кај својот доктор.
Часовникот ќе биде достапен заедно со iPhone 16 серијата.