Фото: OpenAI DALL-E/ChatGPT

Марк Гурман доволно често пишува за iPad на преклоп што веќе со сигурност можеме да очекуваме дека таков уред некогаш ќе биде претставен. По последната најава дека iPad на преклоп може да се очекува во 2026 или 2027 година, во најновиот неделен билтен, Гурман сега уредот го најавува за 2028. 

Според информациите, уредот веќе се тестира, а од Apple имаат постигнато линијата каде што се превиткува екранот скоро и да не се гледа. Тоа е и главната цел на компанијата, па планот е да не се претстави уред на преклоп пред технологијата да биде доволно развиена. 

Големината на уредот треба да биде колку два iPad Pro уреди поставени еден до друг, со што ќе се добие доста голем уред со околу 19 инчи. 

Уште една информација која ја открива Гурман е доста интересна и е поврзана со iPadOS. Овој систем наводно ќе добие можност да ги пушта апликациите од Mac, со што корисниците ќе можат да го користат таблет компјутерот за посериозна работа. 

Не е познато дали ваквата можност би дошла кај сите iPad уреди или барем кај сите Pro модели, но ова е едно од поголемите барања од страна на корисниците кои добиваат доста моќни уреди кои функционираат со тастатура и глувче, но се ограничени на апликациите развиени за екрани на допир.

Една од главните причини зошто Apple не сака да ги доближи повеќе iPadOS и macOS е желбата да корисниците продолжат да купуваат по неколку уреди, наместо еден да може да им замени два. 

Ова верувам дека ќе остане стратегијата на компанијата, па дури и да добие некаква можност за Mac апликации, iPadOS сигурно ќе им некои други ограничувања во споредба со нивното користење на macOS. 

Гурман додава дека од компанијата работат и на iPhone на преклоп кој би можело да се очекува најрано во 2026 година.

ИЗВОРThe Verge
Претходна статијаAndroid 15 ќе ја намали функционалноста на Phone Link апликацијата од Microsoft
Следна статијаApple работи на целосно нова верзија од нивниот Magic Mouse
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.