Фото: Shutterstock.com

По долги години на „притисок“ од страна на Google и Samsung, Apple конечно попушти. Од компанијата ќе додадат поддршка за RCS протоколот, со што корисниците на iPhone и Android конкурентите конечно ќе можат да комуницираат на модерен начин преку вградените апликации кои досега во главно се користеа за SMS пораки.

RCS протоколот во главно беше популаризиран и промовиран од страна на Google кои ја додадоа поддршката за него во нивната Messages апликација со цел да се престане користењето на старите SMS и MMS.

Овој протокол продолжува да функционира преку операторите, односно тие мора да ја додадат својата поддршка, но овозможува комуникација преку интернет, а со тоа и испраќање на поголеми слики и видеа, можност за реакции, индикатор за пишување, информација за тоа дали е прочитана пораката и слично.

Во основа, RCS е еден вид модернизација на SMS комуникацијата која им стана достапна на сите Android корисниците изминатите години.

Apple вакво нешто им нуди на своите корисници веќе одамна, па RCS на почетокот се нарекуваше и Android верзија на iMessage. Од компанијата очекувано со години одбиваат да додадат поддршка за овој протокол во нивната Messages апликација која има поддршка за SMS и MMS.

Сега, а најверојатно поради новите европски закони, Apple најави дека идната година тие ќе ја додадат поддршката за RCS протоколот. Според информациите, овој протокол во Messages ќе функционира посебно, како што е случајот со SMS пораките, а ќе ја задржи и зелената боја, додека iMessage пораките сината.

„Подоцна следната година, ќе додадеме поддршка за RCS Universal Profile, стандард како што моментално е објавен од GSM Association. Веруваме дека универзалниот профил на RCS ќе понуди подобро искуство за интероперабилност во споредба со SMS или MMS. Ова ќе работи заедно со iMessage, што ќе продолжи да биде најдоброто и најбезбедно искуство за пораки за корисниците на Apple.“ – истакнаа од Apple за дел од порталите во САД.

Тоа што можно е да недостасува со оваа имплементација е шифрирање на разговорите, нешто по што е познат iMessage, a Google воведе сопствено решение кај нивната апликација.

Според информациите, Apple не планира да додаде сопствено решение за овој „проблем“, па ќе работат со GSM Association за универзалниот профил на RCS да добие ваква функција.

Имплементацијата на RCS се очекува дека ќе дојде со iOS 18 во втората половина од идната година, па до тогаш има и време да се направи добро решение. Како и да е, корисниците на iPhone и Android телефоните веќе нема да мора да комуницираат преку SMS, се разбира ова се однесува за тие кои не ги користат Messenger, Viber и другите како главни апликации за комуникација.

ИЗВОРMacRumors
ИЗВОР 2The Verge
Претходна статијаMicrosoft ја претстави Windows App како централно место за менаџирање на сите сервиси и уреди во „облакот“
Следна статијаCopilot официјално доаѓа на Windows 10, потврдија од Microsoft
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.