Порано од што се очекуваше, Apple денеска ја претстави најновата генерација од нивниот одличен iPad mini. Ова е седма верзија од одличниот мал таблет, а доаѓа околу три години по претходната.
iPad mini очекувавме да биде претставен на крајот од месецот заедно со MacBook Pro, Mac mini и iMac компјутерите, но изгледа Apple сака тоа претставување да биде само за Mac.
Новата генерација од iPad mini не донесува некои драстични промени, како што беше случајот со претходната кога конечно беше редизајниран изгледот и тргнато предното копче.
Големината на екранот останува 8,3 инчи, додека се зголемува максималната светлина, а останува и резолуцијата од 2266 на 1488 пиксели доволни за нивна густина од 326 ppi.
iPad mini го добива ланскиот A17 Pro чип со што се добива и поддршка за Apple Intelligence, но корисниците ќе почекаат уште некоја недела за да официјално можат да почнат да ги користат.
Apple истакнува доста добро подобрување на перформансите, па на страната од процесорот корисниците добиваат 30% подобрување, додека кај графичкиот процесор тоа изнесува 25%. Корисниците ги добиваат сите новини на овој чип, па тука влегуваат и хардверскиот „ray tracing“, како и „dynamic caching“ и „mesh shading“.
Од компанијата истакнуваат дека со тоа iPad mini добива можност за користење на повеќе професионални апликации кои обично се користат од страна на дизајнерите, програмерите, пилотите и слично.
Тоа што е целосно ново кај iPad mini е поддршката за Apple Pencil Pro со што корисниците и на овој помал таблет компјутер ја добиваат можноста да цртаат, да пишуваат белешки и повеќе.
Камерата на задната страна останува една и истата има 12 мегапиксели со поддршка за Smart HDR 4, а заедно со дупло побрзиот NPU корисниците можат да очекуваат и доста подобри слики.
iPad mini добива и избор од четири бои, па покрај досегашните „starlight“ и „space gray“, корисниците можат да изберат нивниот таблет да биде и син или виолетов.