Apple навистина оваа недела претстави нови уреди, без посебен настан, додадени само на страната од компанијата, како што најави Марк Гурман. Сепак, денеска не беа претставени сите уреди кои ги очекуваме за овој месец, односно оваа пролет, па изгледа останатите ќе бидат претставени до крајот на месецот или почетокот на идниот, можеби и со посебен настан.

Тоа што денеска беше претставено е нова генерација од MacBook Air. Надградба добиваат двата модели, односно MacBook Air 13 и MacBook Air 15 инчните модели.

Овие две нови машини се само мала надградба од ланските. Тука се повеќе за корисниците кои имаат постар компјутер или уште подобро, за тие кои првпат би сакале да пробаат MacBook. За сопствениците на ланските модели, нема некоја посебна предност да ги купат новите.

Apple ја намали цената на ланските модели, а целосно го откажа првиот, односно MacBook Air M1. За голем дел од корисниците повеќе се исплати да ги купат ланските модели, кои имаат пониска цена, а малку послаби перформанси кои не се важни за просечните корисници.

Главната новина кај MacBook Air моделите е надградбата со новиот М3 чип од Apple. Овој нов чип беше претставен минатата година во октомври, а за корисниците донесе одреден процент на подобри перформанси, како и „ray tracing“ и „mesh shading“, со што може да се каже дека поголема надградба доби графиката.

M3 чипот е направен на 3nm технологија, но сепак не донесе драстично поголеми перформанси, иако не треба да се потцени или да се каже дека не се работи за одличен чип.

Apple споредбата за новите MacBook Air компјутери ја прави со првата генерација со М1, па дури и во споредба со тој лаптоп, новите донесуваат подобрување од 60%, односно се 1,6 пати побрзи.

Корисниците ќе можат да изберат 8 јадрен процесор, 10 јадрен графички процесор и до 24GB унифицирана меморија.

Тоа што е ново, а е и за првпат кај MacBook со M чиповите, е можноста за поврзување со два надворешни монитори. Корисниците ќе можат да ги користат овие лаптопи и за посериозна работа.

Времетраењето на батеријата останува исто како кај ланските модели, па корисниците можат да очекуваат до одлични 18 часа работа. Корисниците исто така добиваат и дупло побрз Wi-Fi, а посебно се истакнува подобрата изработка на „полноќната“ боја која сега би требало да собира помалку од отисоците од прстите на корисникот.

Официјалната страна на Apple за новите MacBook Air лаптопи е достапна на овој линк.

ИЗВОРApple
Претходна статијаVisa назначува нови лидери за регионот CISSEE
Следна статијаОпштина Илинден ќе биде дел од општествено одговорната кампања на „Макпетрол“
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.