Apple

На почетокот од оваа недела се одржа познатата и за овој период традиционална конференција за програмерите од Apple, WWDC 2019. На истата беа претставени новите верзии од оперативните системи на Apple, а можеше да се види и нешто од областа на хардверот.

Главната новина, според нас, како и најинтересна беше претставувањето на посебен оперативен систем за iPad компјутерите. Овој оперативен систем како основа го задржува iOS, меѓутоа ќе биде дополнуван со функции кои ќе бидат достапни само на iPadOS новиот оперативен систем, со што ќе се направи подобра разлика, а тоа ќе го среди кодот на двете платформи, па секоја ќе ги има само потребните функции.

Во првата верзија од iPadOS главните разлики од iOS ќе бидат во можноста за поставување на виџетите од центарот за нотификации на главниот екран, кој сега ќе прикажува и повеќе икони, а повеќе можности ќе има и функцијата за работа со повеќе апликации во исто време. Статијата со информации за iPadOS можете да ја прочитате тука.

На конференцијата Apple го претстави и iOS 13. Оваа верзија од мобилниот оперативен систем, која сега ќе работи само на iPhone и iPod уредите, донесува темна тема на корисничкиот интерфејс, како и на апликациите од компанијата. Програмерите ќе можат да додадат поддршка за темна тема и на своите апликации, а сега истата ќе може да се вклучува автоматски со таа на оперативниот систем.

Покрај подобрувањето на перформансите меѓу другото и со намалувањето на големината на апликациите во App Store, iOS 13 добива и нова функција за регистрирање и најава на онлајн сервиси наречена Sign In with Apple. Оваа функција ќе ја зголеми приватноста при креирањето на онлајн сметки со можноста да се искористи посебна и случајно избрана имејл адреса, наместо таа на корисникот.

Сите новини поврзани со iOS 13 можете да ги прочитате тука.

watchOS 6 е тука и донесува нови watch faces, па корисниците сега ќе можат дополнително да го „стилизираат“ својот Apple Watch. Се разбира тука се и часовник дизајните од другите програмери. Покрај новите дизајни, Apple најавува дека корисниците ќе имаат повеќе можности за прилагодување, како и повеќе информации.

Овој оперативен систем за часовници сега ќе работи понезависно од iPhone, па апликациите ќе можат да работат без да мора да се поврзат со истата апликација на телефонот.

Тука се и двете нови апликации за следење на циклусот на жените, како и бучавата на околината, а целата статија за watchOS 6 е тука.

Пред да го споменеме Mac Pro, да продолжиме со уште една новина од софтверската страна. macOS 10.15 наречен Catalina беше најавен и донесува неколку интересни новости.

Главната новина е што од оваа верзија Apple ќе го прекине iTunes и ќе го замени со три посебни апликации, Apple Music, TV и Podcasts.

Sidecar овозможува iPad да се користи како втор екран на macOS, па корисниците ќе немаат потреба од купување на втор монитор, ако им врши работа нивниот таблет, а тој исто така ќе може да се користи и како уред за внес на команди, како на пример за пишување со пенкалцето.

Најавата на macOS Catalina е на овој линк.

На конференцијата Apple претстави и нова генерација од Mac Pro. Овој десктоп компјутер е наменет за професионалците, па и цените се соодветно високи.

Mac Pro повторно се враќа на потрадиционалниот дизајн кој овозможува лесно отворање на машината и менување на компонентите, а во неа ќе може да се стават до 26 јадра од Intel Xeon процесорот, како и до 1,5 TB RAM меморија.

Заедно со Mac Pro беше најавен и нов монитор, а за овие два производи можете да прочитате на оваа статија.

Доколку не ја гледавте WWDC 2019 конференција, а и не сакате да ја гледате целата, еве одлично сумирање на истата во 13 минути од страна на дечките од The Verge.

Претходна статијаПретставени Xbox брендирани дезодоранс, спреј за тело и гел за туширање
Следна статијаGoogle Chrome 75 го донесува режимот за читање во стабилната верзија од прелистувачот на десктоп
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.