Сите корисници, кои не се програмери, сега можат да ги пробаат функциите од Apple Intelligence. Од компанијата ги пуштија јавните бета верзии од iOS 18.1, iPadOS 18.1 и macOS 15.1, што значи сега поголем број на корисници имаат пристап до првите верзии кои доаѓаат со функции со вештачка интелигенција од Apple.
Како што е познато, Apple Intelligence не е дел од првите официјални верзии од iOS 18 и другите, па дури и новите iPhone 16 телефони не доаѓаат веднаш со овие нови функции. Истите може да се очекуваат за некоја недела во октомври, а корисниците што се подготвени да инсталираат бета верзии од системите можат да ги пробаат уште од оваа недела.
По инсталацијата на најновата бета верзија корисниците прво треба да се пријават на листата на чекање за пристап до Apple Intelligence, но по пријавуваат пристапот се добива доста брзо, односно за некоја минута.
Потребно е уште некое време до симнување на потребните датотеки, по што корисниците добиваат пристап до Apple Intelligence.
За почеток, Apple Intelligence е достапен само за англиски јазик, па корисниците ќе мора да го постават јазикот на својот уред и јазикот на Siri на English (US). Со тек на време ќе има поддршка за повеќе јазици, но до пуштање на поддршка за македонски, мислам дека ќе помине уште некоја година.
Како што можевме да видиме во објавата за редоследот на пуштање на Apple Intelligence функциите, со оваа верзија се добива пристап до сумирање на известувањата, сумирање на било кој селектиран текст или статии во Safari, алатки за пишување и промена на текст, нов Focus режим, можноста за тргање на објекти од сликите, како и почетокот на редизајнот на Siri.
Дефинитивно Apple не може да се каже дека им се приближуваат на конкурентите, а посебно по новите функции кои ги најави Google минатиот месец. Ова што е достапно сега е корисно, но кога ќе се земе во предвид дека не може да се користи на македонски, Apple Intelligence во овој момент не е нешто за кое би препорачал да купите нов iPhone.