Оваа недела традиционално како и секој година се одржува познатата конференција за програмери на Apple, односно Word Wide Developer Conference (WWDC). Покрај другите новини кои беа претставени, за кои ќе пишуваме посебно, Apple ја претстави наредната верзија од како што тие го нарекуваат, најнапредниот мобилен оперативен систем, iOS, кој стигна до 12-тата верзија.

iOS 12 веќе од денес е достапен за програмерите, а до крајот на месецот може да се очекува јавната бета верзија која може да ја инсталираат сите заинтересирани корисници. Оваа верзија од iOS има досега можеби најголема компатибилност со постари уреди, односно ќе може да ја инсталираат сите уреди кои работат на iOS 11, а тие ги вклучуваат iPhone 5s и понов, iPad mini 2 и понов, како и iPad Air и понов.

Една од главните новини во iOS 12 која заслужува да биде ставена на првото место е подобрувањето на перформансите која според Apple ќе ја забележат повеќето корисници, а посебно тие на постарите уреди. Според нив, апликациите во iOS 12 ќе се стартуваат до 2 пати побрзо, камерата ќе се вклучува до 70% побрзо, а исто така и тастатурата ќе се појавува за 50% побрзо од досега.

Една од поинтересните, а според мене корисни и потребни, нови функции е Screen Time. Оваа нова функција е дел од новиот Android P кој треба да стане достапен во слично време со iOS 12. Во основа, функцијата е наменета да на корисниците им овозможи увид во точното време поминато на телефонот, апликациите и слично. Со тоа корисниците ќе може да се обидат да помалку од времето го трошат на нивните паметни телефони, нешто што веќе станува официјално движење наречено „Time Well Spent“.

iOS 12 донесува и подобрени известувања и Do Not Disturb режим. Новините за овие две функции се донекаде и поврзани. Известувањата, според мене веќе одамна им фали ова, се групирани според апликацијата од која доаѓаат, па може да се тргнат одеднаш, наместо едно по едно како досега.

Исто така, Do Not Disturb режимот може автоматски да се исклучи врз основа на поставено време, локација или одредена активност на уредот. Овој режим во ноќно време го затемнува екранот и не ги прикажува известувањата на заклучениот екран, со што се овозможува корисникот да не му биде привлечено вниманието. Известувањата исто така може да се избере „тивко“ да бидат оставени во центарот за известувања или целосно да бидат исклучени, а ова се бира посебно за секоја апликација.

Друга навистина корисна новина е Siri Shortcuts. Се работи за нова апликација која овозможува извршување на одредени активности од апликациите, активности кои се активираат преку една команда кажана на Siri. На пример, со командата „побарај превоз дома“, покрај тоа што може да се нарача превоз, автоматски може да се испрати порака дома на пример, како и да се активира некој паметен уред дома.

Apple so iOS 12 воведува и групни разговори на FaceTime. Бројот на луѓе кои во исто време може да разговараат преку FaceTime изнесува 32, што е прилично голема бројка и ретко кој би можел воопшто да се приближи до неа.

ARKit 2 е исто така една од поголемите новини во iOS 12. Со оваа алатка програмерите може да изработат уште подобри апликации за изменета реалност, а исто така да овозможат споделено искуство, како што истакнуваат од Apple, што во основа би значело поддршка за повеќе играчи на некоја од AR игрите.

Како дел од новиот ARKit Apple претстави и нова апликација наречена Measure. Оваа апликација е наменета да го замени обичниот линијар/метро, а може да избери било каков објект преку камерата на уредот и мала помош од корисникот.

Целосната листа на новости, доколку нешто имаме пропуштено, можете да ја видите на официјалната страна на Apple на следниот линк.

ИЗВОРThe Verge
ИЗВОР 2Apple
Претходна статијаВозила со јачина од преку 10.000 КС ќе гостуваат во Скопје
Следна статијаБлагојче Павлески од Прилеп го освои првото место во јуниор рангирањето на Меѓународниот натпревар по програмирање CodeIT, организиран од Мусала Софт
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.