Како што се очекуваше, Apple денеска ги пушти првите бета верзии за програмерите од iOS и iPadOS 18.1, како и од macOS 15.1. Овие верзии се пуштени порано од вообичаената практика, односно .1 верзиите обично се тестираат дури откако е пуштена официјално главната финална верзија.
Причината за ова е неофицијалната информација која ја пушти Марк Гурман, а сега е потврдена. Apple Intelligence функциите нема да им станат достапни на корисниците со пуштањето на финалните верзии од iOS 18, iPadOS 18 и macOS 15, туку неколку недели подоцна со пуштањето на .1 надградбите.
Поради ова, Apple уште сега ги пушти овие верзии за тестирање од страна на програмерите, а целта секако е подобра подготвеност пред пуштањето за сите корисници.
За жал, корисниците кои се на јавната бета верзија од системите се’ уште немаат пристап до .1 верзиите, а тоа прашање е дали воопшто ќе им биде овозможено пред септември. Тоа значи дека само програмерите ќе имаат шанса да ги тестираат Apple Intelligence функциите до нивното официјално пуштање за сите корисници.
Една новина ќе биде пуштена најдоцна, најверојатно идната година, а тоа е целосно новата верзија од Siri. Како што можевме да видиме за време на WWDC, Siri ќе биде многу поспособна и корисна, односно ќе стане тоа што требаше од самиот почеток.
Програмерите сега ја имаат добиено само новата анимација при вклучување на Siri, па како што можев да видам дел од нив мислеа дека се работи за целосно новата верзија и се чудеа на неможноста да изврши одредени команди.
Од најавените функции, достапни станаа можноста за измена на текст, односно негово пишување од страна на вештачката интелигенција, можноста за сумирање на „имејл“ пораки, како и предлози за одговор на пораките, дел од новините кај Photos, можноста за филтрирање на известувањата, снимање на разговорите, сумирање на статии во Safari и слично.
Тоа што не е достапно ги вклучува функциите како Image Playground, Genmoji, приоритетни известувања, категоризирање на пораките во Mail, можноста за тргање на елементи од сликите, интеграцијата со ChatGPT и слично.