Apple се приклучува на група од компании кои ја забрануваат употребата на генеративна вештачка интелигенција од страна на своите вработени, откриваат преку добиен пристап до меморандумот The Wall Street Journal.
Ова конкретно се однесува на новите неколку алатки кои станаа популарни при крајот на минатата година, односно ChatGPT и интеграцијата на оваа технологија во сервисите на Microsoft.
Причината за ваквите одлуки во компаниите е јасна. Текстот којшто се внесува во овие алатки не е шифриран или нешто слично, па лесно некој друг, вклучувајќи и компаниите зад ваквите алатки, можат да дојдат до информации кои не се за споделување со јавноста.
Овие алатки, како што е веќе познато на повеќето, може да се користат за пишување на код, проверка на код, пишување на имејл пораки и слично. Целата „комуникација“ со алатката е достапна на OpenAI, како еден пример, а имаше и случај кога грешка во софтверот ја прикажуваше историјата на разговори на корисниците на други корисници.
Според информациите, Apple им имаат истакнато на вработените да ја користат алатката која ја развиваат внатре во компанијата. Се верува дека Apple нема да останат надвор од развојот на генеративна вештачка интелигенција, а од нејзиниот развој големо подобрување ќе види веќе „застарената“ Siri.
Развојот на оваа нова технологија го води Џон Џианандреа кој е поранешен вработен во Google. Тој одговара директно на Тим Кук, а се истакнува дека Apple изминатиот период има купено неколку компании кои работат со вештачка интелигенција.