Иако имаше најави, може слободно да се каже дека до некаде изненадно, Apple ги претстави Pro и Max верзиите од нивниот M2 чип, кои сепак ги очекувавме на крајот од минатата година. Со овие нови чипови Apple ги претстави и Mac mini со М2 и M2 Pro, како и MacBook Pro 14 и 16 инчи со M2 Pro и М2 Max.
Овие чипови исто така се направени во 5nm технологија, односно нејзината втора генерација како што е случајот со M2 чипот. Тоа значи дека поголемите промени кај перформансите може да се очекуваат идната година, но и овие верзии донесуваат доволни подобрувања за да вреди надградбата од страна на корисниците, а посебно тие кои работат со посериозни апликации.
M2 Pro и M2 Max доаѓаат со 2 и 4 повеќе процесорски јадра, односно со можност за избор помеѓу 10 и 12 јадра, додека кај графичките јадра разликата е со три јадра за најсилниот избор за едниот чип, па корисниците можат да изберат до 19, а овој избор оди до 38 јадра кај посилниот чип.
Заедничката меморија која ја имаат чиповите од Apple, кај новите верзии одат до 32GB кај M2 Pro, додека кај M2 Max истата е до 96GB.
Сепак споредбите треба да се прават со M1 Pro и M1 Max, односно ова би била пореална споредба отколку со основниот чип. Apple најавува 20% подобрување кај процесорот, а ова подобрување кај графичкиот процесор изнесува 30%, како што кажавме, воопшто не се работи за мали разлика.
Подобрувањето на јадрата за вештачка интелигенција изнесува 40%, па тие кои работат со машинско учење и слично, сигурно ќе „мора“ да го надградат својот компјутер.