Скопје, 10.12.2021 година – Деветтото издание на Студентска Конференција за Енергетска Ефикасност и Одржлив Развој – СКЕЕОР 2021, поддржана од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), официјално ќе започне во понеделник, 13.12.2021, со почеток од 10:00 часот и ќе се реализира во период од 4 дена, до 16.12.2021 година.

На отворањето на СКЕЕОР 2021 кон присутните ќе се обратат проф. д-р Никола Јанкуловски, Ректор на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј“; проф. д-р Димитар Ташковски,  Декан на Факултетот за електротехника и информациски технологии; г-дин Никола Јовановски, Заменик Раководител на Сектор за Животна Средина при Град Скопје и вон. проф. д-р Лихнида Стојановска-Георгиевска, Координатор на СКЕЕОР.

Во рамки на четиридневната конференција, присутните ќе може да слушнат серија пленарни предавања од домашни и странски претставници, на петте теми во фокус на оваа конференција: Обновливи извори на енергија; Автоматизација и мерење на енергетска ефикасност; Електрични возила и енергетски ефикасен транспорт; Енергетската ефикасност и одржливост на животната средина; како и нови технологии и материјали и енергетската ефикасност во објекти, градежништво и архитектура. Исто така, ќе бидат презентирани и 28 трудови на студенти на додипломски и постдипломски студии и академски членови. Воедно, преку предавањата и панел дискусиите во рамки на конференцијата, компаниите ќе ги прикажат своите добри практики за енергетски ефикасно и одржливо работење.

Преку организација на ваков тип на конференција, се работи на подигнување на свеста за потребата од енергетска ефикасност, употреба на обновливи извори на енергија и мерки и механизми за одржлив развој. Преку научно-истражувачката дејност, студентите се поттикнуваат да работат на изнаоѓање решенија на проблеми од областа на енергетска ефикасност и одржливиот развој. Еден од клучните аспекти на конференцијата е можноста за соработка помеѓу студентите, реномирани професори и претставници на водечки компании од областа, со цел пронаоѓање решенија на предизвици од оваа област, која ги засега сите на глобално ниво.

“Енергетската ефикасност и одржливиот развој како теми стануваат сѐ поактуелни во нашето секојдневие. Радува фактот што од година во година интересот кај нас – младите во Македонија за оваа област расте. Започнуваме да се мобилизираме и ангажираме во доменот на енергетската ефикасност и одржливиот развој, а во рамки на СКЕЕОР 2021 ќе имаме можност за развој на дијалог и размена на искуства и идеи во ова поле. На овој начин, ги потсетуваме новите генерации за важноста на енергетската ефикасност, а истовремено и ги поттикнуваме на размена на идеи и иновативен пристап при изнаоѓањето решенија кои ќе придонесат за едно подобро, енергетски поефикасно утре.“ – изјави Марко Минов, Претседател на СКЕЕОР 2021.

Овогодинешната конференција се одржува виртуелно, на “ZOOM” платформата за видео-комуникација. Сите заинтересирани, ќе може да ја проследат конференцијата на следниот линк: https://feit-ukim-edu-mk.zoom.us/j/98541394456#success

Повеќе информации за СКЕЕОР и овогодинешната програма може да дознаете на официјалната веб страна: https://skeeor.feit.ukim.edu.mk/

Претходна статијаКрафт ракијата Гордион Амбер достапна на македонскиот пазар
Следна статијаGoogle Play Games доаѓаат на Windows идната година