w10-ss

Со претставувањето на најновата верзија од Windows, за изненадување на повеќето наречена Windows 10, Microsoft ја направи достапна тест верзијата од оперативниот систем за програмерите и напредните корисници. Оваа верзија, наречена Windows 10 Technical Preview, вклучува апликација како дел од новата Windows Insider програма преку која што корисниците можат да ги праќаат своите забелешки и предлози до Microsoft.

Поучени, а слободно може да се каже и изгорени, од искуството со Windows 8, Microsoft овој пат сака да собере што е можно повеќе мислења и предлози од корисниците со што оперативниот систем ќе го направат по нивна мерка. Покрај можноста за предлози од корисниците на тест верзијата, Microsoft има креирано и сметка за Windows на познатата User Voice платформа која што беше многу користена за развојот на Windows Phone 8.1.

Од поднесените предлози и гласовите за нив, може да се направи листа од функции кои што корисниците најмногу би сакале да ги видат во Windows 10. Листата се менува со добивањето на гласови, меѓутоа сепак може да се извадат функциите кои што се во горниот дел од листата поголемиот дел од времето. Во продолжените можете да ги видите 10-те најбарани функции на корисниците за наредната верзија од Windows:

ТАБОВИ ВО FILE EXPLORER

Ова е нешто што е достапно на повеќето други оперативни системи, а според нас е навистина корисна функција, посебно за напредните корисници. Оваа функција е корисна за ситуациите кога работите со повеќе папки, па наместо како сега да мора да отворите повеќе посебни прозори од File Explorer, работата ќе можете да ја завршите со еден отворен прозор со повеќе табови. Ова е нешто што стана популарно со воведувањето кај интернет прелистувачите и стана една од најголемите критики за тогашниот Internet Explorer кој што многу покасно ги воведе.

НАДГРАДБАТА НА WINDOWS 10 ДА БИДЕ БЕСПЛАТНА ЗА КОРИСНИЦИТЕ НА WINDOWS 8/8.1

Ова е нешто за кое што не е исклучена можноста и повеќе пати можеа да се прочитаат информации дека од Microsoft планираат тоа да го направат. Се’ уште не е сепак сигурно дали надградбата ќе биде бесплатна за овие корисници, дали само за нив или можеби и за корисниците на Windows 7.

WINDOWS UPDATE ДА СЕ КОРИСТИ И ЗА НАДГРАДБА НА ДРАЈВЕРИТЕ

Ова е всушност навистина добар предлог. Како што знаете хардверот кој што го користите бара драјвери за негово работење. Некои од драјверите се достапни од Microsoft преку Windows Update, меѓутоа не се од производителот, а за многу други и нема поддршка. За надградба на драјверите обично потребно е проверување на веб страната на производителот на уредот, како што е графичката картичка на пример.

СПОЈУВАЊЕ НА PC SETTINGS И CONROL PANEL

Моментално во Windows 8, како и во Windows 10 TC постојат две места каде што можете да ги менувате прилагодувањата на системот. Стариот Control Panel и новата и поедноставена PC Settings апликација наменета за екраните на допир. Постоењето на овие две локации за оваа намена е непотребно и сигурно збунувачки за многу корисници, посебно што PC Settings не ги содржи сите можности на контролниот панел, па одредени работи мора да се направат преку него.

ПРОМЕНА И РЕДИЗАЈНИРАЊЕ НА СИТЕ ИКОНИ И AERO ЕЛЕМЕНТИ

Иако голем број од иконите се редизајнирани со текот на годините, сепак голем број од нив не се променети од самиот почеток. Во Windows 10 TC може да се види нова икона за File Explorer, па корисниците предлагаат тоа да се направи за сите други програми.

НОВА И ПОДОБРА NOTEPAD ПРОГРАМА

Иако има голем број на алтернативни вакви програми, погодни за корисниците кои што работат со код, сепак доста од корисниците сакаат да видат нова верзија од познатиот и многу стар Notepad. Оваа програма е многу едноставна и основна, па корисниците обично користат програми како Notepad++ и слични.

ВРАЌАЊЕ НА AERO GLASS ЕФЕКТИТЕ

Aero Glass беше прв пат претставен во Windows Vista. Ова е познатата функција која што донесе проѕирност на прозорите и беше прилично популарна кај корисниците. Со Windows 8, Microsoft почна да ја трга оваа функција, па корисниците бараат таа да биде вратена.

МОЖНОСТ ЗА ПРИКАЧУВАЊЕ НА БИЛО ШТО НА START ЕКРАНОТ

Моментално корисниците можат да прикачат (pin) модерни апликации и десктоп програми на Start екранот. Корисниците бараат ова да се прошири со поддршка за прикачување на фајлови и било какви други работи.

ПОВРЗУВАЊЕ НА ОДРЕДЕНИ ПРОГРАМИ СО РАЗЛИЧНИ АУДИО ИЗЛЕЗИ

Ова исто така е интересно барање. Доколку ваква можност биде вградена во системот, ќе можете да изберете да звуците од нотификациите ги слушате на звучниците, а музиката само на слушалките.

ВЛЕЧЕЊЕ И ПРМЕСТУВАЊЕ НА АПЛИКАЦИИТЕ ПОМЕЃУ РАЗЛИЧНИ ВИРТУЕЛНИ ДЕСКТОП ОКОЛИНИ

Ова е можност која што е чудно што не е и сега достапна. Достапноста на повеќе десктоп околини е корисна, меѓутоа можноста за префрлување на одредени отворени апликации од една во друга околина е нешто што ја зголемува функционалноста на оваа функција.

Извор: PCWorld, The Verge, User Voice

Претходна статијаКреаторот на Facebook Like копчето објаснува зошто никогаш нема да има Dislike копче
Следна статијаСоздаден е ласерски влечен зрак на микроматеријал
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.