Луѓето веќе стравуваат дека роботите ќе ги украдат нивните работни места (не се толку далеку од вистината, барем кога станува збор за некои „помануелни“ професии). Мислители и влијателни „фаци“ како Елон Маск, покојниот Стивен Хокинг и многу други, на еден или на друг начин не предупредуваа за опасноста која што претстои.

Тие повикуваа(т) на преземање на меѓународна акција со која ќе се спречи горното сценарио. Накратко, мнението во западната цивилизација е дека треба да стравуваме од генијална и самосвесна вештачка интелигенција.

Од друга страна, роботите во Јапонија долго време се сметаат како „еднакви“. Јапонците веруваат дека роботите се нивни сојузници, и затоа ги користат за да ја напреднат својата економија и да го подобрат животот на оние што живеат во „Земјата на изгрејсонцето“.

Ваквото гледиште е културолошко. Не се работи за феномен предизвикан од современиот технолошки развиток, туку за вековна традиција вкоренета во Анимизмот (компонента од Шинто, религија која претходела на Будизмот). Според анимизмот, сето она што го гледаме околу нас – животните, зградите, камењата, водата, и други објекти создадени од човекот – поседуваат своја духовност (или имаат своја „душа“).

Сонцето, месечината, планините и дрвјата имаат свој дух, или бог. Секој бог има свое име, свои карактеристики, и се верува дека има контрола врз природните и човечките феномени. Оваа мисла се уште влијае на јапонскиот однос кон природата и духовното постоење. Ова верување подоцна се прошири за да вклучи и вештачки предмети, така што се смета дека сите предмети и прибори за секојдневна употреба имаат своја духовност, за која се верува дека е во хармонија со човечките суштества.

Различните верувања и ставови за предметите околу нас, особено за вештачката интелигенција, влијаат и на начинот на кој се употребува современата технологија. Западот (односно САД), ја користи современата технологија за изградба на машини за војување создадени за уништување животи (пр. дронови, роботи војници итн.).

Од друга страна, Јапонија гледа на роботите како на свои сонародници за кои се благодарни дека воопшто постојат и можат да им слугуваат.

Претходна статијаMicrosoft ќе го замени Edge со нов прелистувач направен на основа на Chromium?
Следна статијаSony патентира телефон со проѕирен екран кој може да се превиткува