Google создаде алгоритам кој умее да предвиди кардио-васкуларни пореметувања преку читање на зеницата на окото. Ова откритие нуди голем потенцијал во спречувањето и раното откривање на срцеви заболувања.

Научниците од Google и Verily создадоа нов начин на дијагностицирање на здравствената состојба кај индивидуа со помош на вештачка интелигенција. Преку скенирање на окото на пациентот, со оваа технологија, може да се одредат неговата возраст, крвен притисок и некои други здравствени параметри.

Информациите кои се обезбедени можат да предвидат дали личноста има и колкави се шансите да доживее некакво срцево заболување. Прецизноста на овие наоди се поклопува со точноста која ја нудат водечките методи за дијагностицирање кои се користат во моментот. На тој начин, новото откритие би понудило поедноставна алтернатива за утврдување на состојбата на срцето кај индивидуа.

Користењето на AI во медицината не е ништо ново. Меѓутоа е поле кое заслужува големо внимание и нуди огромен потенцијал. Анализирањето на податоци за човек може да биде неверојатно бавен и досаден процес, додека машините едноставно уживаат во него. Можноста машина да биде „нахранета“ со информации и вооружена со способност самата да се надоградува, нуди огромни можности. Илјадници информации би можеле да бидат процесирани во само неколку секунди. Па, лекарите би можеле многу попрецизно да предвидат одредени настани или развој на одредени состојби.

Интересно е што токму окото, практично крие извештај за човечкото здравје. Задниот дел од окото или она што се нарекува Фундус е ткиво исполнето со крвни садови кои ја опишуваат генералната состојба на крвните патишта во телото.

Тестирајќи го научниците заклучиле дека софтверот нуди точност од 70%. Тоа е за само 2% помалку прецизно од традиционалните SCORE тестови кои се користат во медицината, а за кои е неопходен тест на крвната слика. Знаењето на софтверот се заснова на примероците на 300.000 пациенти. Меѓутоа, важно да се напомене е дека истиот самиот се унапредува и надградува со новите информации кои ги прима.

ИЗВОРThe Verge
ИЗВОР 2Nature jouranal, Biomedical Engeneering
Претходна статијаOpportunity пронајде доказ за постоењето на вода на Марс?
Следна статијаКриминалистички деликатеси за љубителите на серии: Раде Шербеџија, Крис О’Донел…